Префрли се на текстот

Како изгледал Исус?

Како изгледал Исус?

Што вели Библијата:

 Никој не знае како точно изгледал Исус, бидејќи Библијата не го опишува неговиот физички изглед. Тоа покажува дека не е толку важно како изгледал. Сепак, читајќи ја Библијата можеме да добиеме одредена претстава за неговиот изглед.

  •   Општи карактеристики: Исус бил Евреин и веројатно наследил одредени семитски црти од својата мајка (Евреите 7:14). Сигурно не се разликувал многу од другите по изгледот. Во една прилика тој тајно отпатувал од Галилеја во Ерусалим без никој да го препознае (Јован 7:10, 11). Освен тоа, очигледно не се издвојувал ни од неговите најблиски ученици. На пример, кога Исус требало да биде уапсен, Јуда Искариот морал да ѝ покаже на вооружената толпа кој точно е Исус (Матеј 26:47-49).

  •   Должина на косата: Најверојатно Исус немал долга коса затоа што Библијата вели дека е „срамота за мажот ако има долга коса“ (1. Коринќаните 11:14).

  •   Брада: Исус имал брада. Тој го почитувал еврејскиот закон, кој забранувал мажите да ги расипуваат „краевите на својата брада“ (3. Мојсеева 19:27; Галатите 4:4). Брадата на Исус е спомната и во едно библиско пророштво кое се однесува на неговото страдање (Исаија 50:6).

  •   Тело: Сѐ укажува на тоа дека Исус бил физички јак. Во текот на својата служба пропешачил многу километри (Матеј 9:35). Освен тоа, двапати го пречистил храмот, при што им ги превртел масите на менувачите на пари, а еднаш ја истерал и стоката со камшик (Лука 19:45, 46; Јован 2:14, 15). Во една енциклопедија пишува: „Сѐ што е запишано во евангелијата укажува дека [Исус] бил здрава и енергична личност“ (McClintock and Strong’s Cyclopedia, том IV, страница 884).

  •   Израз на лицето: Исус бил срдечен и сочувствителен, и тоа сигурно се гледало од неговото лице (Матеј 11:28, 29). Кај него доаѓале најразлични луѓе за да добијат утеха и помош (Лука 5:12, 13; 7:37, 38). Дури и на децата им било убаво во негово друштво (Матеј 19:13-15; Марко 9:35-37).

Погрешни мислења за изгледот на Исус

 Погрешно мислење: Некои тврдат дека Исус мора да имал африканско потекло бидејќи во книгата Откровение неговата коса е споредена со волна, а неговите нозе со бакар (Откровение 1:14, 15).

 Вистина: Голем дел од она што го пишува во книгата Откровение е симболично, односно „во знаци“ (Откровение 1:1). Косата и нозете на Исус се опишани на симболичен начин. Целта на тој опис е да истакне некои негови особини откако воскреснал, а не да долови како изгледал додека бил на Земјата. Во Откровение 1:14 се вели: „Главата и косата му беа бели како бела волна, како снег“. Во овој стих се прави споредба на бојата, а не на текстурата на неговата коса. Белата коса е симбол за мудроста што доаѓа со годините (Откровение 3:14). Исто како што не помислуваме дека косата на Исус има текстура како снегот, така не треба ни да заклучиме дека неговата коса има иста текстура како волната.

 Нозете на Исус се опишани „како чист бакар кога се жари во печка“ (Откровение 1:15). Освен тоа, Библијата вели дека неговото лице е „како сонцето кога сјае со полн сјај“ (Откровение 1:16). Со оглед на тоа што не постои раса со таква боја на кожата како што се опишува во овие стихови, видението во Откровение мора да е симболично, прикажувајќи го воскреснатиот Исус кој „престојува во непристапната светлина“ (1. Тимотеј 6:16).

 Погрешно мислење: Исус бил слаб и без сила.

 Вистина: Исус се однесувал како вистински маж. На пример, смело истапил пред толпата што дошла да го уапси и кажал дека тој е оној кого го бараат (Јован 18:4-8). Со оглед на тоа што користел најразлични алати додека работел како дрводелец, мора да бил физички силен (Марко 6:3).

 Тогаш, се поставува прашањето: Зошто Исус не можел сам да го однесе маченичкиот столб до местото на погубување? Освен тоа, зошто умрел пред другите осуденици? (Лука 23:26; Јован 19:31-33). Пред да биде погубен, Исус бил прилично исцрпен. Не спиел цела ноќ, меѓу другото и затоа што поминувал низ тешка душевна болка (Лука 22:42-44). Во текот на ноќта некои од Евреите го исмејувале и го удирале, а утрото Римјаните го измачувале (Матеј 26:67, 68; Јован 19:1-3). Сето тоа најверојатно придонело побрзо да умре.

 Погрешно мислење: Исус секогаш изгледал мрачно и тмурно.

 Вистина: Исус совршено ги одразувал особините на неговиот небесен Татко, Јехова, кого Библијата го нарекува „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11; Јован 14:9). Всушност, Исус ги поучувал и другите како да бидат среќни (Матеј 5:3-9; Лука 11:28). Од ова може да заклучиме дека лицето на Исус честопати зрачело со радост.