Префрли се на текстот

Што е крштавање?

Што е крштавање?

Што вели Библијата:

 Крштавањето претставува потполно потопување во вода. a Во Библијата се запишани многу крштавања (Дела 2:41). Едно од нив е крштавањето на Исус, кој бил крстен со потполно потопување во вода во реката Јордан (Матеј 3:13, 16). Со години подоцна, еден Етиопјанин бил крстен во „една вода“ која се наоѓала покрај патот по кој одел (Дела 8:36-40).

 Исус кажал дека неговите следбеници мора да се крстат (Матеј 28:19, 20). Апостол Петар го потврдил тоа учење (1. Петрово 3:21).

Во оваа статија

 Што означува крштавањето?

 Кога некој ќе се крсти, со тоа покажува пред другите дека се покајал за своите гревови и дека му ветил на Бог дека ќе живее во склад со неговата волја. Тоа значи дека ќе им биде послушен на Бог и на Исус во секој аспект од неговиот живот. Оние кои се крштаваат тргнуваат на пат кој води во вечен живот.

 Целосното потопување во вода ја симболизира промената што некој ја направил во својот живот. Во која смисла? Библијата го споредува крштавањето со погребување (Римјаните 6:4; Колошаните 2:12). Кога некој ќе биде нурнат во водата, симболично кажано го погребува својот поранешен начин на живот. А кога ќе излезе од водата, така да се каже, започнува нов живот како христијанин кој му е предаден на Бог.

 Што вели Библијата за крштавањето бебиња?

 Зборот „крштевка“ го нема во Библијата. b Библијата не поучува дека треба да се крштаваат бебиња.

 Крштавањето бебиња не е во склад со она што го пишува во Библијата. Таа вели дека оној што сака да се крсти мора да исполни одредени барања. На пример, треба да ги разбира барем основните учења од Божјата Реч и да живее во склад со нив. Тој треба да се покае за своите гревови и треба да му го заветува својот живот на Бог во молитва (Дела 2:38, 41; 8:12). Едно бебе не може да ги направи овие работи.

 Што значи да се биде крстен во името на Таткото, на Синот и на светиот дух?

 Исус им рекол на своите следбеници: „Правете ученици... крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). „Во името на“ значи дека оној што се крштава ги признава авторитетот и положбата на Таткото и на Синот, како и улогата на Божјиот свет дух. На пример, на еден човек кој бил сакат од раѓање, апостол Петар му рекол: „Во името на Исус Христос Назареќанецот, оди!“ (Дела 3:6). Јасно е што сакал Петар да каже — тој го признал авторитетот на Христос, и заслугата за ова чудо му ја припишал нему.

  •   „Таткото“ е Јехова c Бог. Како Творец, извор на животот и Семоќен Бог, тој има апсолутен авторитет (1. Мојсеева 17:1; Откровение 4:11).

  •   „Синот“ е Исус Христос, кој го дал својот живот за нас (Римјаните 6:23). Не можеме да бидеме спасени без да ја разбереме и прифатиме клучната улога на Исус во Божјата намера со човештвото (Јован 14:6; 20:31; Дела 4:8-12).

  •   „Светиот дух“ е силата што ја користи Бог. d Преку својот свет дух, Бог создавал и им дал живот на сите суштества. Исто така, го користел светиот дух за да им пренесе пораки на своите пророци и на други, и да им даде сила да ја вршат неговата волја (1. Мојсеева 1:2; Јов 33:4; Римјаните 15:18, 19). Преку светиот дух, Бог ги вдахновил писателите на Библијата да ги запишат неговите мисли (2. Петрово 1:21).

 Дали е грев некој повторно да се крсти?

 Многу луѓе одлучуваат да ја променат својата религија. Но, што ако биле крстени во претходната црква? Дали е грев повторно да се крстат? Некои мислат така, можеби поради начинот на кој го разбираат стихот од Ефешаните 4:5, каде што пишува: „Еден Господар, една вера, едно крштавање“. Меѓутоа, овој стих не значи дека некој не може повторно да се крсти. Од каде го знаеме тоа?

 Контекст. Контекстот на Ефешаните 4:5 покажува дека апостол Павле сакал да истакне колку е важно вистинските христијани да бидат обединети во своите верувања (Ефешаните 4:1-3, 16). Такво единство било возможно само ако следеле ист Господар — Исус Христос, ако имале иста вера, т.е. исто разбирање на библиските учења, и ако ги исполнеле истите библиски барања за крштавање.

 Апостол Павле поттикнал некои што веќе биле крстени повторно да се крстат. Зошто? Бидејќи, кога биле крстени, не ги разбирале во потполност христијанските учења (Дела 19:1-5).

 Исправен темел за крштавање. За Бог да го прифати, крштавањето мора да се темели на точно познавање на библиската вистина (1. Тимотеј 2:3, 4). Ако некој се крсти на темел на верски учења кои не се во склад со Библијата, Бог нема да го прифати тоа крштавање (Јован 4:23, 24). Дури и да го направил тоа од искрени мотиви, не знаел „точно што е [Божјата] волја“ (Римјаните 10:2). За да добие одобрување од Бог, мора да ја научи библиската вистина, да го применува она што го научил, да му го заветува својот живот на Бог и повторно да се крсти. Во ваков случај, неговото повторно крштавање не е грев, туку исправен чекор.

 Други крштавања спомнати во Библијата

 Во Библијата се спомнуваат и некои крштавања кои имале поинакво значење од крштавањето на Христовите следбеници. Да разгледаме некои примери.

 Крштавањето што го извршувал Јован Крстител. e Евреите и еврејските преобратеници биле крстени од Јован во знак на каење за гревовите што ги направиле против Мојсеевиот закон, односно Законот што Бог им го дал на Израелците преку Мојсеј. Крштавањето што го извршувал Јован ги подготвило луѓето да го препознаат и прифатат Месијата — Исус од Назарет (Лука 1:13-17; 3:2, 3; Дела 19:4).

 Крштавањето на Исус. Крштавањето на Исус од страна на Јован Крстител се разликувало од сите други. Исус бил совршен човек и не направил никаков грев (1. Петрово 2:21, 22). Затоа неговото крштавање не опфаќало покајание, односно „молба упатена до Бог за чиста совест“ (1. Петрово 3:21). Со своето крштавање тој му покажал на Бог дека е спремен да ја изврши улогата што му ја дал како проречениот Месија, односно Христос, и да го даде својот живот за луѓето (Евреите 10:7-10).

 Крштавање со свет дух. И Јован Крстител и Исус Христос зборувале за крштавање со свет дух (Матеј 3:11; Лука 3:16; Дела 1:1-5). Тоа крштавање не е исто со крштавањето во името на светиот дух (Матеј 28:19). Која е разликата?

 Само ограничен број следбеници на Исус се крстени со свет дух. Тие се помазани со свет дух бидејќи се повикани да служат заедно со Христос на небото како цареви и свештеници над Земјата f (1. Петрово 1:3, 4; Откровение 5:9, 10). Тие ќе владеат над милионите следбеници на Исус кои имаат надеж за вечен живот во рајот на Земјата (Матеј 5:5; Лука 23:43).

 Крштавање во Христос Исус и во неговата смрт. Оние што се крстени со свет дух, исто така се крстени „во Христос Исус“ (Римјаните 6:3). Според тоа, ова крштавање се однесува на Исусовите помазани следбеници кои ќе владеат со него на небото. Со тоа што се крштаваат во Исус, тие стануваат дел од помазаното собрание, во кое тој е Главата, а тие се телото (1. Коринќаните 12:12, 13, 27; Колошаните 1:18).

 Помазаните христијани исто така се крстени во Исусовата смрт (Римјаните 6:3, 4). Исто како Исус, тие водат самопожртвуван живот во кој му се послушни на Бог, и свесни се дека нема да живеат вечно на Земјата. Ова симболично крштавање се довршува кога ќе умрат и ќе воскреснат на небото како духовни суштества (Римјаните 6:5; 1. Коринќаните 15:42-44).

 Крштавање со оган. На оние што го слушале, Јован Крстител им рекол: „[Исус] ќе ве крсти со свет дух и со оган. Лопатата за веење му е во раката, и ќе го исчисти своето гумно и ќе го собере своето жито во амбарот, а плевата ќе ја изгори во оган што не може да се изгасне“ (Матеј 3:11, 12). Забележи дека има разлика меѓу крштавањето со оган и крштавањето со свет дух. Што сакал да каже Јован со оваа споредба?

 Житото ги претставува оние што ќе го слушаат Исус и ќе му бидат послушни. Тие ќе бидат крстени со свет дух. Плевата ги претставува оние што нема да го слушаат Исус. Тие ќе бидат крстени со оган, што значи дека ќе бидат засекогаш уништени (Матеј 3:7-12; Лука 3:16, 17).

a Грчкиот збор што е преведен со „крштавање“ означува „влегување во вода, потполно потопување и излегување од вода“ (Vine’s Complete Expository Dictionary of Old and New Testament Words).

b „Крштевка“ се однесува на церемонијата што се извршува во некои цркви, при што бебето се „крштава“, така што се попрскува со вода или му се излева вода врз главата, и му се дава име.

c Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?

d Види ја статијата „Што е светиот дух?

e Види ја статијата „Кој бил Јован Крстител?“

f Види ја статијата „Кој оди на небото?

g Библијата го користи зборот „крштавање“ и за да опише одредени обредни чистења, како што е миењето садови со потопување во вода (Марко 7:4, фуснота; Евреите 9:10, фуснота). Се разбира, ова е сосема различно од целосното потопување во вода на Исус и неговите следбеници.