Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ТИМОТЕЈ

„Тој е мое сакано и верно дете во Господарот“

„Тој е мое сакано и верно дете во Господарот“

ТИМОТЕЈ решително чекорел по патот кој сѐ повеќе го оддалечувал од неговиот дом. Размислувал за она што го чекало во иднина. Пред него оделе неговите придружници минувајќи крај полињата што многу добро ги знаел. Зад нив, полека се губел од видик градот Листра, кој бил сместен на едно ниско ритче во долината. На лицето на Тимотеј се разлеала насмевка кога помислил на мајка му и на баба му кои се гордееле со него и се обидувале да ги скријат солзите додека го испраќале. Дали да се сврти и да ги поздрави за последен пат?

Одвреме-навреме, апостол Павле ќе го погледнел Тимотеј и ќе му се насмевнел за да му влее храброст. Павле знаел дека Тимотеј сѐ уште е малку срамежлив, но му било мило што гледал колку е ревносен овој млад човек. Тимотеј бил прилично млад, можеби околу 20 години, и многу го почитувал и сакал Павле. Сега Тимотеј тргнал на далечен пат со овој енергичен и верен човек. Требало да патуваат пеш и со брод — нешто што ќе ги изложело на многу опасности. Тимотеј не знаел дали некогаш повторно ќе го види својот дом.

Што го поттикнало ова младо момче да избере таков животен пат? Зошто бил спремен да направи такви жртви? И, како може неговиот пример да влијае врз нашата вера?

„ОД РАНО ДЕТСТВО“

Да се вратиме две или три години назад во Листра, гратчето во кое Тимотеј најверојатно пораснал. Листра била сместена во една изолирана плодна долина. Иако можеби разбирале грчки, луѓето во ова место зборувале на ликаонски јазик. Еден ден, во тивкото гратче настанал метеж. Двајца мисионери, апостол Павле и Варнава, пристигнале од Иконија, еден поголем град во близина на Листра. Додека им проповедале на луѓето, Павле здогледал еден сакат човек кој покажал дека има вера. Тогаш Павле со чудо го излечил овој човек (Дела 14:5-10).

Повеќето жители на Листра очигледно верувале во митовите дека во минатото во нивното место доаѓале богови кои биле преправени во луѓе. Поради тоа, помислиле дека Павле е Хермес, а дека Варнава е Зевс! Овие двајца понизни христијани едвај успеале да ги спречат луѓето да им принесат жртви (Дела 14:11-18).

Но, некои луѓе од Листра не сметале дека Павле и Варнава се митолошки пагански богови, туку дека се луѓе од крв и месо кои сакаат да им пренесат прекрасна порака. На пример, Евника, една Еврејка која била омажена за Грк * кој бил неверник, и Лоида, која ѝ била мајка, сигурно ги слушале Павле и Варнава со големо внимание. Конечно стигнала веста која секој верен Евреин желно чекал да ја чуе — Месијата дошол и исполнил голем дел од пророштвата запишани за него во Писмото!

Замисли си само како влијаела врз Тимотеј посетата на апостол Павле. Тимотеј уште „од рано детство“ бил поучен да ги сака светите списи (2. Тимотеј 3:15). Исто како мајка му и баба му, и тој бил уверен дека Павле и Варнава ја зборуваат вистината за Месијата. Освен тоа, помисли на сакатиот човек кого го излекувал Павле. Додека растел, Тимотеј сигурно го имал сретнато овој човек безброј пати по улиците во Листра. Сега, со свои очи видел дека за првпат оди! Воопшто не нѐ чуди тоа што Евника и Лоида станале христијанки, исто како Тимотеј. Дедовците, бабите и родителите денес можат многу да научат од Лоида и од Евника. Дали и ти ќе им оставиш добар пример на младите?

„ПРЕКУ МНОГУ НЕВОЛЈИ“

Луѓето од Листра кои станале христијани сигурно биле пресреќни кога дознале каква надеж имаат учениците на Христос. Но, тие дознале и дека, како христијани, ќе се соочат со противење. Некои Евреи од Иконија и Антиохија кои биле противници дошле во Листра и ги подбуцнале жителите да се свртат против Павле и Варнава. Кратко потоа, насилна толпа луѓе го нападнале Павле и почнале да фрлаат камења кон него. Силните удари го собориле наземи. Противниците го одвлечкале Павле надвор од градот и го оставиле таму мислејќи дека е мртов (Дела 14:19).

Кога христијаните од Листра се приближиле до Павле, многу се изненадиле затоа што виделе дека сѐ уште е жив. Павле станал и бестрашно се вратил во Листра! Следниот ден, тој и Варнава тргнале на пат кон Дерва и продолжиле да проповедаат. Откако им помогнале на некои луѓе од Дерва да станат христијани, тие собрале храброст и се вратиле во Листра. Што направиле таму? Во извештајот пишува дека ‚ги зајакнале учениците и ги охрабриле да останат во верата‘. Замисли си како младиот Тимотеј слуша со широко отворени очи додека Павле и Варнава ги уверуваат тамошните христијани дека вреди да истраат во сегашните неволји поради прекрасната надеж за иднината. Тие рекле: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“ (Дела 14:20-22).

Тимотеј со сето срце ги прифатил учењата на апостол Павле

Тимотеј видел дека Павле живее во склад со своите зборови. Додека ја проповедал добрата вест, Павле храбро се соочувал со многу прогонства. Тимотеј бил свесен дека, ако го следи неговиот пример, луѓето во Листра, а можеби и татко му, ќе му се противат. Сепак, тој не дозволил тоа да влијае врз неговата одлука да му служи на Бог. Денес има многу млади кои, исто како Тимотеј, се дружат со зрели христијани кои имаат силна вера и можат да ги охрабрат и да ги зајакнат. Освен тоа, тие не дозволуваат противењето да ги спречи да му служат на вистинскиот Бог.

‚БРАЌАТА ЗБОРУВАА ДОБРО ЗА НЕГО‘

Како што веќе спомнавме, Павле повторно отишол во Листра по две или три години. Претстави си колку радосни биле Тимотеј, неговата мајка, Евника, и неговата баба, Лоида, кога Павле дошол во нивниот град заедно со Сила. Сигурно и Павле бил многу среќен кога видел дека семето на вистината што го посеал во Листра родило плод. Тој многу ги ценел Лоида и нејзината ќерка, Евника, кои станале верни христијанки со „нелицемерна вера“ (2. Тимотеј 1:5). А, каков напредок имало кај младиот Тимотеј?

Павле дознал дека за тие неколку години ова младо момче многу созреало. За него зборувале добро не само браќата во Листра туку и браќата во Иконија, која се наоѓала околу 32 километри североисточно од Листра (Дела 16:2). Како Тимотеј стекнал таков глас?

„Светите списи“ за кои мајка му и баба му го поучувале уште „од рано детство“ содржеле мудри и практични совети за младите (2. Тимотеј 3:15). На пример, во Проповедник 12:1 пишува: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“. Овие зборови добиле уште поголемо значење кога Тимотеј станал христијанин. Тој сфатил дека најдобриот начин на кој би можел да се сеќава на својот Величествен Творец е така што ќе ја пренесува добрата вест за Божјиот Син, Исус Христос. Тимотеј постепено успеал да ја победи срамежливоста и храбро да ја проповеда добрата вест за Христос.

Мажите кои предводеле во собранието го забележале напредокот кај Тимотеј. Тие несомнено биле восхитени кога гледале како ова момче ги храбри и ги зајакнува другите. Но, што е уште поважно, и Јехова го забележал Тимотеј. Тој дури и кажал некои пророштва во врска со него — веројатно за тоа како еден ден ќе им служи на многу собранија. При својата посета, Павле увидел дека Тимотеј би можел да му биде корисен соработник за време на мисионерските патувања. Браќата во Листра се согласиле со него. Тие ‚положиле раце‘ врз Тимотеј, и со овој чин покажале дека му даваат посебна задача во службата за Јехова Бог (1. Тимотеј 1:18; 4:14).

Тимотеј сигурно бил изненаден што браќата покажале голема доверба во него и што го сметале за достоен да врши една таква задача. Тој спремно ја прифатил задачата што ја добил. * Но, како реагирал татко му кога чул дека ќе биде мисионер? Тој веројатно имал многу поинаква замисла за иднината на својот син. А, како се чувствувале мајка му и баба му? Дали се гордееле со неговиот избор, додека во исто време биле загрижени за неговиот живот? Би било сосема нормално да имаат такви помешани чувства.

Како и да е, едно е сигурно — Тимотеј тргнал со апостол Павле. Утрото кое беше опишано во воведот од статијата е почеток на нивното патување. Додека заминувал од Листра, секој нов чекор по прашливата патека бил уште еден чекор подалеку од неговиот дом, а поблиску до непознатото. По цел ден пешачење, Павле, Сила и Тимотеј стигнале во Иконија. Таму Тимотеј набљудувал како Павле и Сила им ги пренесувале најновите упатства од водечкото тело во Ерусалим на соверниците и како се труделе да ја зајакнат нивната вера (Дела 16:4, 5).

Откако ги посетиле собранијата во Галатија, овие мисионери ги напуштиле широките и поплочени римски патишта и пешачеле стотици километри низ пространите висорамнини на Фригија, одејќи најпрво на север, а потоа на запад. Следејќи го водството на Божјиот свет дух, тие отишле до Троада, се качиле на брод и запловиле кон Македонија (Дела 16:6-12). Дотогаш, Павле веќе видел од колку голема помош му е Тимотеј. Бидејќи стекнал доверба во него, го оставил во Верија заедно со Сила (Дела 17:14). Во една друга прилика, дури и го испратил ова младо момче во Солун без придружник. Таму Тимотеј го применил она што го научил, и ги зајакнал христијаните (1. Солуњаните 3:1-3).

Подоцна, во своето писмо до Филипјаните, Павле го напишал следново за Тимотеј: „Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Филипјаните 2:20). Тимотеј не стекнал ваков глас случајно. Тој си стекнал добро име бидејќи бил трудољубив, понизно си ја вршел задачата и верно истрајувал во тешки околности. Тимотеј е многу добар пример за младите денес! Никогаш немој да заборавиш дека од тебе зависи на каков глас ќе бидеш. Ако си млад, имаш прекрасна можност да стекнеш добро име со тоа што ќе го ставиш Јехова Бог на прво место во животот и ќе се однесуваш со другите љубезно и со почит.

‚СТОРИ СЀ ШТО МОЖЕШ ЗА ДА ДОЈДЕШ КАЈ МЕНЕ‘

Уште од својата младост, Тимотеј го посветил животот на службата за Бог

Тимотеј служел со својот пријател Павле околу 14 години. Заедно доживеале многу опасни, но и многу радосни моменти (2. Коринќаните 11:24-27). Еднаш, Тимотеј дури бил фрлен в затвор поради својата вера (Евреите 13:23). Исто како Павле, и тој чувствувал длабока љубов за своите соверници и искрено се грижел за нив. Токму затоа Павле му рекол дека ‚се сеќава на неговите солзи‘ (2. Тимотеј 1:4). Очигледно, и Тимотеј научил ‚да плаче со оние што плачат‘, односно да покажува сочувство кон другите и да ги храбри и теши (Римјаните 12:15). Да се трудиме и ние да го следиме овој убав пример!

Не нѐ изненадува тоа што со текот на времето Тимотеј станал многу добар христијански надгледник. Освен што му дал задача да ги посетува и да ги охрабрува собранијата, Павле му доверил и одговорност да ги назначува мажите кои ги исполнувале условите да служат како старешини и слуга-помошници во собранието (1. Тимотеј 5:22).

Бидејќи многу го сакал Тимотеј, Павле му дал корисни упатства и совети. Тој го поттикнал да ја цени својата задача и да продолжи да напредува во духовен поглед (1. Тимотеј 4:15, 16). Го советувал никогаш да не дозволи младоста и срамежливоста да го спречат да заземе цврст став за тоа што е исправно (1. Тимотеј 1:3; 4:6, 7, 11, 12). Исто така, Павле му кажал и како да се справи со ‚честите болести‘, односно стомачните проблеми што ги имал (1. Тимотеј 5:23).

Кога Павле сфатил дека се ближи крајот на неговиот живот, односно дека ќе биде погубен, под водство на светиот дух му го напишал своето последно писмо на Тимотеј. Тој му ги упатил следниве трогателни зборови: „Стори сѐ што можеш за да дојдеш што поскоро кај мене“ (2. Тимотеј 4:9). Павле многу го сакал Тимотеј, па дури и го нарекол „мое сакано и верно дете во Господарот“ (1. Коринќаните 4:17). Ништо чудно што го повикал Тимотеј да биде крај него во тие последни мигови! Добро е секој од нас да се праша: ‚Дали другите бараат утеха од мене кога се во неволја?‘

Дали Тимотеј успеал да стигне кај Павле? Не знаеме. Но, она што го знаеме е дека Тимотеј секогаш давал сѐ од себе за да ги утеши и охрабри Павле и другите соверници. Навистина, Тимотеј живеел во склад со своето име кое значи, „Оној кој му оддава чест на Бог“. Тимотеј ни оставил многу убав пример што сите ние, и млади и стари, треба да го следиме.

^ пас. 9 Види ја рубриката „Дали сте знаеле?“ во овој број.

^ пас. 20 Тимотеј бил спремен и да се обреже кога Павле го побарал тоа од него. Иако ова не било барање за христијаните, Павле не сакал да им даде причина на Евреите на кои требало да им проповедаат да го отфрлат овој млад човек, чиј татко не бил Евреин (Дела 16:3).