Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

Никаде не одев без пиштол

Никаде не одев без пиштол
  • РОДЕН: 1958

  • ЗЕМЈА: ИТАЛИЈА

  • НЕКОГАШ: НАСИЛЕН ГАНГСТЕР

МОЕТО МИНАТО:

Роден сум во едно предградие на Рим, во населба во која живееја луѓе од сиромашната работничка класа. Животот беше тежок. Никогаш не ја запознав мојата вистинска мајка и немав добар однос со татко ми. Ме воспитуваше улицата.

Почнав да крадам уште пред да наполнам 10 години, а кога имав 12 години за првпат избегав од дома. Татко ми повеќепати мораше да ме собира од полициска станица и да ме враќа дома. Постојано се расправав со луѓето — бев насилен и гневен на целиот свет. На 14 години си заминав од дома и никогаш повторно не се вратив. Почнав да земам дрога и да живеам на улица. Бидејќи немав каде да спијам, ќе провалев во некоја кола и ќе останев во неа до раните утрински часови. Тогаш ќе побарав некоја фонтана за да се измијам.

Станав добар крадец. Лесно ми одеа и ситните кражби на чанти и ограбувањето станови и вили во ноќите. Лошиот глас за мене брзо се ширеше и наскоро една озлогласена банда ме повика да станам нејзин член. Со нив го „усовршив занаетот“, па почнав да ограбувам и банки. Бидејќи бев многу агресивен, за кратко време станав почитуван член на бандата. Никаде не одев без пиштолот — дури и кога спиев ми беше под перница. Мојот живот се состоеше од насилство, дрога, крадење, вулгарен јазик и неморал. Полицијата постојано ми беше зад петици. Бев уапсен неколкупати и со години бев час в затвор, час надвор од затвор.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Еднаш, кога бев излезен од затвор, отидов да ја видам тетка ми. Не знаев дека таа, братучед ми и братучетка ми станале Јеховини сведоци. Тие ме викнаа да одам со нив на еден состанок на Сведоците. Решив да појдам, чисто од љубопитност. Кога стигнавме во Салата на Царството, сакав да седам близу до вратата за да можам  да гледам кој влегува и кој излегува. Се разбира, со себе носев оружје.

Тој состанок ми го промени животот. Имав чувство како да сум на друга планета! Ме поздравуваа срдечни, насмеани и пријателски настроени лица. Уште ми е жива сликата на љубезниот, чесен поглед што зрачеше од очите на Сведоците. Сѐ беше сосема поинаку од светот на кој бев навикнат!

Почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци. Колку повеќе работи дознавав од неа, толку појасно ми стануваше дека треба да си го променам животот од корен. Размислував за советот од Изреки 13:20, каде што пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. Сфатив дека мора да излезам од бандата. Тоа не беше лесно, но успеав со помош од Јехова.

За првпат во мојот живот можев да си ги контролирам постапките

Исто така, презедов чекори да бидам чист во телесен поглед. Ми беше многу тешко да престанам да пушам и да земам дрога, но успеав и во тоа. Ја скратив мојата долга коса, ги извадив обетките и престанав да зборувам вулгарно. За првпат во мојот живот можев да си ги контролирам постапките.

Никогаш не сум сакал да читам или да проучувам, па затоа ми беше вистински предизвик да се концентрирам додека ја проучував Библијата. Сепак, трудот се исплатеше. Со текот на времето го засакав Јехова и нешто во мене почна да се менува — мојата совест проработе. Често ме обземаа негативни чувства и се прашував дали Јехова некогаш ќе ми прости за сите лоши работи што ги имав направено. Во тие моменти, голема утеха наоѓав во библискиот извештај за цар Давид, кој направил сериозни гревови, но Јехова сепак му простил (2. Самоилова 11:1—12:13).

Друг предизвик ми беше да им ја пренесувам добрата вест на другите одејќи од врата до врата (Матеј 28:19, 20). Се плашев дека ќе сретнам некого што сум го повредил или сум му згрешил нешто во минатото. Но, со текот на времето успеав да го надминам тој страв. Почнав да уживам додека им помагав на другите да дознаат нешто повеќе за нашиот прекрасен небесен Татко, кој простува великодушно.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Тоа што го запознав Јехова ми го спаси животот! Повеќето од оние со кои се дружев во минатото се мртви или во затвор, но јас имам исполнет и среќен живот, а имам и светла надеж за иднината. Научив да бидам понизен и послушен и да си го контролирам мојот избувлив темперамент. Затоа, сега имам подобри односи со другите. Со мојата прекрасна сопруга, Кармен, имаме среќен брак. Вистински уживаме додека заедно им помагаме на другите да научат нешто повеќе за Библијата.

Освен тоа, денес имам чесна работа — понекогаш е поврзана со банки, но наместо да ги ограбувам, ги чистам!