Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

На секое прашање ми одговорија со Библијата

На секое прашање ми одговорија со Библијата
  • РОДЕНА: 1950

  • ЗЕМЈА: ШПАНИЈА

  • НЕКОГАШ: КАЛУЃЕРКА

МОЕТО МИНАТО:

Кога сум се родила, моите родители живееле на мала фарма во едно село во Галиција, во северозападна Шпанија. Јас бев четвртото од вкупно осум деца. Во нашиот дом имаше топла семејна атмосфера. Во тоа време, во Шпанија беше обичај барем едно од децата во семејството да заврши богословија или да отиде во манастир. Од нашето семејство тоа го сторија три деца.

Кога имав 13 години, отидов во манастирот во Мадрид, каде што веќе беше мојата постара сестра. Таму владееше студена атмосфера. Зборот пријателство воопшто не постоеше. Наместо тоа, имаше само строги правила и молитви. Рано наутро се собиравме во капелата за да се посветиме на длабоко размислување, но јас честопати не мислев на ништо. Потоа пеевме верски песни и одржувавме миса. Сето тоа беше на латински јазик и, бидејќи не разбирав речиси ништо, Бог ми изгледаше многу далечен. Деновите ми минуваа во тишина. Дури и кога ќе се сретневме со сестра ми, можевме да си речеме само: „Слава ѝ на пречиста Марија“. Калуѓерките нѐ оставаа да разговараме само половина час по секој оброк. Бев осамена и честопати плачев. Колку поинаку беше дома!

Иако не се чувствував блиска со Бог, кога имав 17 години станав калуѓерка. Го направив она што се очекуваше од мене, но наскоро почнав да се сомневам дали Бог навистина ме избрал за таков живот. Калуѓерките велеа дека оние што имаат такви сомнежи ќе горат во пеколот. Сепак, не можев да се ослободам од сомнежите што ме мачеа. Знаев дека Исус Христос не се изолирал од луѓето, туку напротив, им помагал и ги поучувал (Матеј 4:23-25). Кога наполнив 20 години, веќе не гледав никаква причина да бидам калуѓерка. Се изненадив кога главната калуѓерка ми рече дека, ако се двоумам, подобро ќе биде да си заминам што поскоро. Мислам дека се плашеше да не влијаам негативно врз другите. Така, го напуштив манастирот.

Татко ми и мајка ми покажаа големо разбирање за мојата одлука да се вратам дома. Но, бидејќи во нашето  село немаше работа, отидов во Германија, каде што живееше еден од моите браќа. Тој беше член на една активна комунистичка група од прогонети Шпанци. Ми се допаднаа тие луѓе, кои се бореа за правата на работниците и се залагаа за рамноправност на жените. Затоа и јас станав комунист, а подоцна се омажив за еден член на групата. Со тоа што делев комунистичка литература и учествував во протестни маршеви, сметав дека правам нешто добро.

Меѓутоа, по некое време повторно се разочарав. Сфатив дека комунистите честопати не го правеа она за што се залагаа. Потполно се уверив во тоа во 1971 год., кога некои млади членови од нашата група го запалија шпанскиот конзулат во Франкфурт. Тоа го сторија во знак на протест поради неправдите и диктатурата што владееја во Шпанија. Но, јас сметав дека тоа е погрешен начин да се искаже незадоволство.

Кога ни се роди првото дете, на маж ми му реков дека повеќе нема да одам на комунистичките состаноци. Се чувствував многу осамено затоа што ниту една од моите пријателки не дојде да ме посети и да го види бебето. Се прашував која е смислата на животот. Вредеше ли борбата за едно подобро општество?

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Во 1976 год., еден брачен пар Шпанци, кои беа Јеховини сведоци, дојдоа на нашата врата и ни оставија библиска литература. Кога дојдоа по вторпат, ги преплавив со прашања како, на пример, зошто има страдања, неправди и нееднаквост меѓу луѓето. Се изненадив што на секое прашање ми одговорија со Библијата! Веднаш се согласив да ја проучувам Библијата со нив.

На почетокот ми беше интересно да ја проучувам Библијата само затоа што така си го проширував знаењето. Но, работите се сменија кога јас и мојот сопруг почнавме да одиме на состаноците на Јеховините сведоци во нивната Сала на Царството. Тогаш имавме две деца. Сведоците нѐ земаа со автомобил и ни помагаа околу децата за време на состаноците. Тие луѓе ми станаа многу драги.

И покрај тоа, сѐ уште не бев сигурна во што да верувам. Некаде во тоа време, одлучив да го посетам моето семејство во Шпанија. Кога дозна дека ја проучувам Библијата, чичко ми, кој беше свештеник, се обиде да ме разубеди. Но, Сведоците што живееја таму многу ми помогнаа. Тие ми читаа од Библијата кога одговараа на моите прашања, исто како што правеа Сведоците во Германија. Решив да продолжам да ја проучувам Библијата кога ќе се вратам во Германија. Иако маж ми повеќе не сакаше да проучува, јас не се откажав. Се крстив како Јеховин сведок во 1978 год.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Вистината од Библијата ми даде јасна цел и исправна насока во животот. На пример, во 1. Петрово 3:1-4, на сопругите им е речено да им бидат „подложни на своите мажи“, да покажуваат ‚длабока почит‘ кон нив и да имаат „благ дух кој е драгоцен во Божји очи“. Тие совети ми помогнаа да бидам добра сопруга и добра мајка.

Веќе 35 години сум Јеховин сведок. Среќна сум што му служам на Јехова заедно со луѓе од целиот свет, кои ги чувствувам како семејство. Ме радува и тоа што четири од моите пет деца му служат на Јехова.