Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА

Останал верен и покрај неправдите

Останал верен и покрај неправдите

ИЛИЈА минувал низ Јорданската долина. Веќе со седмици патувал кон север, оставајќи ја далеку зад себе планината Хорив. Сега, кога се вратил во својата родна земја Израел, можел да види некои промени. Трагите од долгата суша полека исчезнувале. Раниот есенски дождец почнал да ја натопува земјата. Земјоделците веќе ги орале своите ниви. Кога видел дека земјата се обновува, веројатно срцето му дошло на место. Сепак, нешто друго го загрижувало повеќе. Луѓето повторно му свртеле грб на Јехова и продолжиле да го обожаваат Ваал. Илија го чекало уште многу работа. *

Во близина на гратчето Авел-Мехол, Илија видел една голема нива. На неа имало 24 вола кои биле впрегнати во 12 јареми. Тие правеле паралелни бразди на влажната почва. Човекот кој го терал последниот пар волови бил оној што Илија го барал. Се викал Елисеј и бил избран од Јехова да го наследи Илија. Остарениот пророк се чувствувал осамено затоа што мислел дека нема никој друг што му е верен на Бог. Затоа, едвај чекал да го запознае Елисеј (1. Царевите 18:22; 19:14-19).

Дали на Илија му било сеедно што требало на Елисеј да му даде некои од своите задачи и предности? Дали му било тешко поради тоа што еден ден требало да биде заменет? Не знаеме. Но, не можеме ни да тврдиме дека такви мисли воопшто не му дошле на ум. На крајот на краиштата, тој бил ‚човек што имал исти чувства како и ние‘ (Јаков 5:17, фуснота). Како и да е, во Библијата пишува: „Илија му пристапи и ја фрли врз него својата пророчка наметка“ (1. Царевите 19:19). Наметката што ја носел Илија веројатно била направена од овча или козја кожа и била знак дека Јехова го поставил за свој пророк. Тоа што му ја префрлил на Елисеј имало големо значење. Со оваа постапка, Илија покажал дека спремно се подложува на заповедта од Јехова да го постави Елисеј за свој наследник. Илија му бил послушен на Јехова и имал доверба во него.

Илија спремно го поставил Елисеј за свој наследник

Елисеј, пак, спремно му помагал на овој остарен пророк. Тој не го заменил веднаш Илија. Туку, околу шест години понизно го следел и му помагал. Затоа, подоцна станал познат како оној што ‚му ги полевал со вода рацете на Илија‘ (2. Царевите 3:11). Пророкот сигурно бил многу среќен што добил толку добар помошник. Тие двајца со текот на времето веројатно станале најдобри пријатели. Тоа што се охрабрувале еден со друг сигурно им помогнало да останат верни и покрај неправдите кои се случувале насекаде во земјата. Особено неправеден бил цар Ахав, чија злоба ги преминувала сите граници.

Дали тебе некогаш ти била нанесена неправда? Повеќето од нас на своја кожа доживуваат неправди во овој расипан свет. Тоа што ќе имаш пријател кој верно му служи на Бог може да ти помогне да истраеш. Освен тоа, многу можеш да научиш и од Илија, кој останал верен и покрај неправдите.

„СТАНИ И ПОЈДИ ДА ГО ПРЕСРЕТНЕШ АХАВ“

Илија и Елисеј вложувале голем труд за да им ја зајакнат верата на луѓето. По сѐ изгледа, почнале да обучуваат и други пророци, кои можеби биле организирани во еден вид школи. По некое време, Илија добил нова задача од Јехова: „Стани и појди да го пресретнеш Ахав, израелскиот цар“ (1. Царевите 21:18). Зошто Илија требало да отиде кај Ахав?

Царот не му бил верен на Бог. Тој бил најлошиот цар на Израел дотогаш. Се оженил со Језавела и почнал да го обожава лажниот бог Ваал. А навел и голем број други луѓе да го обожаваат овој лажен бог (1. Царевите 16:31-33). Обожавањето на Ваал вклучувало разни обреди на плодноста, обреди во кои имало проституција, па дури и жртвување деца. Исто така, Ахав не го послушал Јехова и го поштедил злобниот сириски цар Вен-Адад, веројатно за да стекне материјална добивка (1. Царевите поглавје 20). Но, алчноста, желбата за материјални работи и злобата на Ахав и Језавела немале граници.

Ахав имал огромна палата во Самарија. На околу 37 километри од оваа палата имал уште една во Језраел. Веднаш до палатата во Језраел имало лозје. Ахав посакал да го добие тоа парче земја, кое му припаѓало на Навутеј. Му рекол на Навутеј дека ќе му даде пари или дека ќе му го даде своето лозје во замена за неговото. Тогаш, Навутеј му рекол: „Не можам да ти го дадам наследството на моите прататковци, зашто знам дека тоа би било неисправно во Јеховини очи“ (1. Царевите 21:3). Дали Навутеј бил тврдоглав? Дали постапил непромислено? Многумина ќе речат да. Но, Навутеј се држел за Законот на Јехова, кој им забранувал на Израелците да ја продаваат во трајна сопственост земјата која ја наследиле од своите предци (3. Мојсеева 25:23-28). Навутеј не ни помислувал да го прекрши Божјиот закон. Тој цврсто му се спротивставил на Ахав и покрај тоа што знаел какви можат да бидат последиците. Со тоа покажал дека има голема вера и храброст.

На Ахав, пак, воопшто не му бил важен Јеховиниот закон. Тој си отишол дома „онерасположен и потиштен“ затоа што не го добил тоа што го сакал. Извештајот понатаму вели: „Легна на својата постела, го сврти лицето и ништо не сакаше да јаде“ (1. Царевите 21:4). Кога Језавела видела како нејзиниот маж се мршти како разгалено дете, веднаш смислила план како да му ја исполни желбата на Ахав, а во исто време и да уништи едно праведно семејство.

Кога читаме што направила Језавела, сигурно се прашуваме како можела да биде толку злобна. Царицата знаела дека според Божјиот закон, за да се потврди едно сериозно обвинение била потребна изјава од двајца сведоци (5. Мојсеева 19:15). Затоа, таа напишала писма во името на Ахав и им ги испратила на старешините и на достоинствениците во Језраел. Тие требало да најдат двајца луѓе кои лажно ќе го обвинат Навутеј дека ги проколнал Бог и царот — грев кој се казнувал со смрт. За жал, нејзиниот план успеал. Двајца „неранимајковци“ лажно сведочеле против Навутеј и тој бил каменуван до смрт. И не само тоа, убиени биле и неговите синови * (1. Царевите 21:5-14; 3. Мојсеева 24:16; 2. Царевите 9:26). Ахав не го ценел поглаварството што го имал како сопруг и ѝ дозволил на жена му да ги преземе работите во свои раце и да им нанесе голема штета на невини луѓе.

Замисли си како се чувствувал Илија кога Јехова му кажал што направиле царот и царицата. Сигурно му било многу тешко поради тоа што злобните ги газат невините луѓе (Псалм 73:3-5, 12, 13). И во денешно време честопати сме сведоци на големи неправди, понекогаш дури и од страна на влијателни луѓе кои тврдат дека се Божји претставници. Овој извештај сигурно може многу да нѐ утеши и да нѐ потсети дека ништо не е скриено од очите на Јехова (Евреите 4:13). Но, дали тој презема нешто против оние што нанесуваат неправди?

„МЕ ПРОНАЈДЕ ЛИ, НЕПРИЈАТЕЛУ МОЈ?“

Јехова го испратил Илија кај Ахав. Бог му рекол: „Ене го во лозјето на Навутеј“ (1. Царевите 21:18). Кога Језавела му кажала на Ахав дека лозјето сега е негово, тој веднаш станал и отишол да му се радува на својот нов посед. Ни на крај памет не му дошло дека Јехова го гледа. Замисли си како се шетал низ лозјето и си правел планови каква величествена градина ќе направи од тоа место. Но, одеднаш пред очи му излегол Илија! Веселиот израз на лицето на Ахав брзо исчезнал. Исполнет со лутина и омраза, му кажал на Илија: „Ме пронајде ли, непријателу мој?“ (1. Царевите 21:20).

„Ме пронајде ли, непријателу мој?“

Од овие зборови може да се види дека Ахав имал погрешни ставови. Прво, кога му рекол на Илија: „Ме пронајде ли“, Ахав покажал дека Јехова не му бил реален. Всушност, Јехова бил тој што го ‚пронашол‘. Бог знаел дека Ахав свесно одлучил да постапува неисправно и да ужива во она што го добил поради злобата на Језавела. Тој видел дека љубовта за материјалните работи потполно ги истиснала милоста, правдата и сочувството од срцето на Ахав. Второ, кога Ахав рекол: „Непријателу мој“, покажал дека го мрази човекот кој му е пријател на Јехова и кој можел да му помогне да се врати од погрешниот пат.

Можеме многу да научиме од погрешните ставови на Ахав. Никогаш не смееме да заборавиме дека Бог гледа сѐ. Како Татко кој многу нѐ сака, Јехова секогаш знае кога застрануваме од исправниот пат, и има искрена желба да ни помогне да ги промениме нашите погрешни размислувања и постапки. За да го направи ова, честопати ги користи оние кои ги смета за свои пријатели — верните луѓе кои, како Илија, им ги пренесуваат Божјите зборови на другите. Би било огромна грешка да мислиме дека Божјите пријатели се наши непријатели (Псалм 141:5).

Замисли си го Илија како му вели на Ахав: „Те пронајдов!“ Илија знаел каков човек е Ахав — крадец, убиец и противник на Јехова Бог. Колку голема храброст му требало на Илија за да се соочи со овој злобен човек! Илија отишол кај Ахав за да му ја изрече пресудата од Бог. Јехова гледал како поради злобата на Ахав и Језавела страдале други луѓе. Затоа, Илија му рекол на Ахав дека Бог решил да го уништи него и сите машки во неговиот дом. И Језавела немало да избега од рацете на правдата (1. Царевите 21:20-26).

Илија во ниту еден момент не помислил дека злобните нема пред никого да положат сметка за тоа што го прават. Но, денес некој лесно може да дојде до ваков заклучок. Овој библиски извештај нѐ потсетува дека Бог не само што гледа сѐ туку и дека во времето што го одредил ќе донесе правда за сите. Божјата Реч нѐ уверува дека наскоро ќе дојде денот кога Бог засекогаш ќе ги прекине сите неправди (Псалм 37:10, 11). Но, можеби се прашуваш: „Дали Бог само сурово казнува или покажува и милост?“

„ВИДЕ ЛИ КАКО СЕ ПОНИЗИ АХАВ?“

Можеби Илија се изненадил од тоа како реагирал Ахав кога ја слушнал осудата. Во библискиот извештај стои: „Кога ги чу тие зборови, Ахав си ја раскина облеката и си стави козина на телото. Постеше, спиеше во козина и одеше потиштено“ (1. Царевите 21:27). Дали Ахав искрено се каел?

Па, може да се каже дека барем за момент тргнал во исправен правец. Ахав се понизил — нешто што не било лесно за еден горд и надуен човек. Но, дали тоа било вистинско каење? Да го земеме за пример Манасија, кој живеел после Ахав и бил уште позлобен цар. Кога Јехова го казнил Манасија, тој се понизил и почнал да бара помош од него. Но, не останал само на тоа. Манасија се сменил од корен и почнал да го прави она што Јехова го барал од него така што ги отстранил идолите и дури го поттикнувал и народот да му служи на Бог (2. Летописи 33:1-17). Дали Ахав направил такво нешто? За жал, не.

А дали Јехова забележал дека Ахав пред сите покажал колку му е криво за она што го правел? Да. Јехова му рекол на Илија: „Виде ли како се понизи Ахав пред мене? Затоа што се понизи пред мене, нема да му ја нанесам таа неволја додека е тој жив. Неволјата ќе му ја нанесам на неговиот дом во деновите на неговиот син“ (1. Царевите 21:29). Но, дали Јехова му простил на Ахав? Не. Тој ќе му простел само ако вистински се каел (Езекиел 33:14-16). Бидејќи на Ахав му било жал до одредена мера, Јехова покажал милост кон него до одредена мера. Ахав немало да види како неговото семејство доживува трагичен крај.

И покрај тоа, Јехова не ја променил пресудата што ја изрекол. Подоцна, Јехова разговарал со своите ангели за тоа како да го измамат Ахав да тргне во војна во која ќе загине. Кратко потоа, казната што ја одредил Јехова го стигнала Ахав. Тој бил тешко повреден во војната и искрвавил до смрт во својата бојна кола. Во библискиот извештај е запишан и еден детаљ: Кога луѓето ја миеле бојната кола, кучињата ја лижеле крвта на царот. Така, сите можеле да видат дека се исполниле Јеховините зборови што Илија му ги пренел на Ахав: „На местото на кое кучињата ја лижеа крвта на Навутеј, кучиња ќе ја лижат и твојата крв!“ (1. Царевите 21:19; 22:19-22, 34-38).

Тоа што му се случило на Ахав ги уверило Илија, Елисеј и другите верни луѓе дека Јехова не ги заборавил храброста и верата што ги покажал Навутеј. Овој извештај и нам ни влева доверба во Јехова. Нашиот праведен Бог нема да дозволи злобните да си поминат неказнето. Од друга страна, ќе им покаже милост на оние што се каат за своите зли дела (4. Мојсеева 14:18). Колку важна поука било тоа за Илија кој со децении верно му служел на Бог под власта на тој злобен цар! Дали и тебе некогаш ти била нанесена неправда? Дали копнееш по денот кога Јехова ќе ги исправи работите? Ако да, дај сѐ од себе да стекнеш вера каква што имал Илија. Тој, заедно со својот верен помошник Елисеј, продолжил да ги објавува Божјите зборови и покрај неправдите.

^ пас. 3 Јехова преку сушата, која траела три и пол години, покажал дека Ваал, кого луѓето го сметале за бог на дождот кој ќе ја направи земјата плодна, немал никаква моќ (1. Царевите поглавје 18). Види ги статиите од рубриката „Угледајте се на нивната вера“ кои излегоа во Стражарска кула од 1 јануари и 1 април 2008 год.

^ пас. 13 Можеби Језавела се плашела дека лозјето ќе го наследат синовите на Навутеј, па затоа наредила и тие да бидат убиени. Нешто повеќе во врска со тоа зошто Бог дозволува такво угнетување можеш да прочиташ во рубриката „Читателите прашуваат...“ од овој број.