Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 БИБЛИЈАТА МЕНУВА ЖИВОТИ

„Јехова не ме заборави“

„Јехова не ме заборави“
  • РОДЕНА: 1922

  • ЗЕМЈА: ШПАНИЈА

  • НЕКОГАШ: УЧИТЕЛКА ПО ВЕРОНАУКА

МОЕТО МИНАТО:

Родена сум во Билбао, град во северна Шпанија. Пораснав во семејство од средната класа и бев второ од четирите деца. Моите беа католици и секој ден одев на миса. Кога имав 23 години, почнав да работам како учителка — професија што многу ја сакав и со која се занимавав 40 години. Иако предавав повеќе предмети, најмногу се гордеев што можев да ги поучувам другите за католичката вера и навечер да ги подготвувам девојчињата за нивната прва причест.

По 12 години среќен брак, останав вдовица со четири ќерки. Тогаш имав само 33 години! Се трудев да најдам утеха во католичката вера, ама немав одговор на некои прашања. Се прашував: ‚Ако Исус нѐ откупил, зошто луѓето умираат? Ако добрите луѓе одат на небото, зошто се молиме да дојде Божјето Царство?’ Исто така, се прашував: ‚Ако Бог веќе ни суди кога умираме, зошто тогаш има потреба да се враќаме од небото, чистилиштето или од пеколот за повторно да ни суди?‘

Овие прашања им ги поставив на некои свештеници. Еден од нив ми рече: „Не знам. Прашај го бискупот. Што е важно тоа? Веруваш во Бог, нели?“ Но, јас сакав да ја дознаам вистината. Затоа, одев на некои предавања на Језуитите, Пентакосталците и Гностиците. Но, никаде не можев да најдам логични одговори.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ:

Кога имав 60-ина години, една моја ученичка која имаше седум години, ме покани на состанок на Јеховините сведоци. Многу ми се допадна тоа што го видов и го слушнав таму, но бев презафатена и го изгубив контактот со Сведоците. По две години еден брачен пар Јеховини сведоци, Хуан и Мајте, дојдоа кај мене дома. Три месеци одговараа на моите прашања, а тие разговори ме поттикнаа да почнам да ја проучувам Библијата со нив.

Секој пат со нетрпение чекав да дојдат за да проучуваме. Темелно испитував сѐ што учев, и за да се осигурам дека Сведоците ја зборуваат вистината користев  три различни преводи на Библијата. По кратко време ми стана јасно дека со децении сум била во заблуда во врска со моите убедувања. Не ми се веруваше колку голема разлика имаше меѓу тоа што сега го учев од Библијата и тоа што го знаев претходно. Бев шокирана кога сфатив дека сите мои верувања требаше да ги сменам од корен.

Знаев дека пронајдов скапоцено богатство

Тогаш, мојот втор сопруг тешко се разболе и почина. Во тоа време се пензионирав и еден период не живеев во Билбао. И Хуан и Мајте се отселија оттаму. За жал, не продолжив да ја проучувам Библијата. Но, длабоко во срцето знаев дека пронајдов скапоцено богатство, кое не сакав да го изгубам.

Околу 20 години подоцна, кога имав 82 години, Хуан и Мајте се вратија во Билбао и дојдоа да ме посетат. Многу се израдував кога повторно ги видов. Тоа ми покажа дека Јехова не ме заборавил и ме поттикна да продолжам да ја проучувам Библијата. Многупати ги поставував истите прашања, но Хуан и Мајте беа многу стрпливи со мене. За да ги сменам верувањата за кои бев емотивно врзана, ми требаше одново и одново да ги слушам библиските докази. Освен тоа, сакав да научам како да им ги објаснам вистините од Библијата на моите пријатели и роднини.

Најсреќниот ден во мојот живот беше денот кога се крстив како Јеховин сведок. Тогаш имав 87 години. Крштавањето се одржа на еден конгрес на Јеховините сведоци. Еден Јеховин сведок на темел на Библијата изнесе говор кој првенствено беше наменет за оние што требаше да се крстат. Тој говор ме трогна до солзи. Додека го слушав, имав чувство како Јехова да ми зборува. По крштавањето многу Јеховини сведоци ми пристапуваа и се радуваа заедно со мене — иако повеќето од нив не ме ни познаваа.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА:

Отсекогаш знаев дека Исус Христос е „патот“ (Јован 14:6). Но, проучувањето на Библијата ми помогна да го запознаам и Јехова, оној кон кого Исус нѐ води. Сега можам да му се обраќам на Бог во молитва како на свој Татко и Пријател. Книгата Приближи му се на Јехова * ми помогна да направам драстични промени во животот. Првиот пат ја прочитав за само една вечер! Многу ме погоди тоа што видов колку е милостив Јехова.

Кога ќе се сетам на тоа колку долго ја барав вистината, ми доаѓаат на ум зборовите од Исус: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете. Чукајте, и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7). Сега кога ги знам одговорите на прашањата кои толку долго ме измачуваа, со голема радост ги споделувам со другите.

Иако имам 90 години, имам уште многу да учам за Јехова. Секој состанок за мене е посебен настан бидејќи дознавам скапоцени вистини за Бог, но и уживам во друштвото на моите браќа и сестри. Едвај чекам да живеам во рајот на Земјата што ни го ветува Бог (Откровение 21:3, 4). Тогаш ќе можам повторно да ги видам моите блиски кои починаа и да ги поучувам за библиските вистини (Дела 24:15). Копнеам да им кажам колку скапоцен дар ми даде Јехова на овие години.

^ пас. 15 Издадена од Јеховините сведоци.