Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Писмо од Бенин

Во што ли се вплеткав?

Во што ли се вплеткав?

БЕШЕ типично западноафриканско утро. Во воздухот се ширеше миризба на топли сосови и ориз. Жените носеа на своите глави неверојатно големи товари. Се слушаше весела смеа помешана со гласови на пазарење. Набргу, сонцето почна силно да пече.

Кога видоа Yovo, односно бел човек, група деца почнаа да ја пеат својата вообичаена песничка и да танцуваат. Таа започнуваше со зборовите „Yovo, Yovo, bon soir“, а на крајот следеше прашањето: „Што ќе ни дадете?“ Едно дете не пееше. Јас продолжив да одам, а тоа тргна по мене и почна да прави гестови со рацете. Ми изгледаше како да ми се обраќа на знаковен јазик. Во Соединетите Држави учев американски знаковен јазик, но Бенин е земја во која се зборува француски.

Се обидов да ги направам знаците на осумте букви од моето име. На детското лице се разлеа насмевка. Ме фати за рака и ме поведе по некои тесни улички до неговиот дом — типична двособна куќа од бетонски цигли. Се собра целата фамилија. Сите комуницираа на знаковен јазик. Што да правам сега? Им го покажав со знаци моето име и на лист им напишав дека сум мисионер што ги поучува другите за Библијата и дека пак ќе дојдам. Се придружија и неколку соседи кои не беа глувонеми и сите кимаа со главите во знак на одобрување. ‚Во што ли се вплеткав?‘, си реков.

Кога се вратив дома, почнав да размислувам: ‚Мора да има некој што ќе им помогне на овие луѓе да научат нешто повеќе за Божјето ветување: „Ќе им се отнат ушите на глувите“‘ (Исаија 35:5). Почнав да истражувам. Според еден неодамнешен попис, во Бенин има 12.000 глуви лица и лица со оштетен слух. Пријатно се изненадив кога дознав дека во училиштата за глуви се користи американски, а не француски знаковен јазик. Но, жалосно беше што ниту еден Јеховин сведок во Бенин не знаеше американски знаковен јазик. Воздивнувајќи, на една сестра ѝ реков: „Колку убаво би било овде да дојде и да помага некој што знае американски знаковен јазик!“ Таа ми одговори: „Па еве, ти си тука, нели?“ Имаше право! Нарачав книга за самопомош и DVD-ја на американски знаковен јазик издадени од Јеховините сведоци. Добив одговор на моите молитви кога една сестра што добро знаеше американски знаковен јазик се пресели од Камерун во Бенин.

Брзо се рашири веста дека учам знаковен јазик. Ми рекоа дека мора да појдам кај Брис, еден глувонем сликар. Во неговото ателје направено од палмови лисја пришиени еден за друг полесно се дишеше на спарното време. На ѕидовите имаше секакви бои бидејќи тој со години си ги бришел четките од нив. Го избриша правот од две-три столчиња и го впери погледот во мене, чекајќи да почнам. Ставив едно DVD во мојот пренослив плеер. Тој го повлече своето столче кон малиот екран. „Разбирам! Разбирам!“, ми покажуваше со знаци. Децата од соседството се собраа и ги креваа главчињата за да можат да гледаат. Едно извика: „Зошто гледаат филм без глас?“

Секогаш кога ќе појдев кај Брис, групата што се собираше околу DVD-плеерот стануваше сѐ поголема. Наскоро, Брис и другите почнаа да доаѓаат на христијанските состаноци. Тоа што се трудев да им преведувам на знаковен јазик ми помогна побрзо да учам. Како што растеше групата, некои дури доаѓаа да ме бараат. На пример, еден ден мојата стара кола чудно брмчеше откако ќе ги погодев дупките на патот во обид да ги избегнам заталканите кози и свињи. Одеднаш чув силен удар од задниот дел. ‚Леле, пак се расипа!‘, си помислив. Но, тоа беше еден глув човек што трчаше по колата и се обидуваше да ми го привлече вниманието најдобро што можеше — удирајќи по неа!

Групи на знаковен јазик се оформија и во други градови. Кога беше организирано програмата на нашиот конгрес да се преведува и на знаковен јазик, јас бев меѓу оние што беа замолени да преведуваат. Додека стоев на подиумот и чекав говорникот да почне со своето изнесување, за момент со мислите се вратив во минатото, кога за првпат започнав со мојата мисионерска служба овде. Тогаш си мислев: ‚Што можам да направам како мисионер во Африка?‘ Кога погледнав во присутните, знаев дека го пронајдов одговорот — да бидам мисионер што им помага на глувонемите. Повеќе не се прашувам: ‚Во што ли се вплеткав?‘