Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Какви промени во бракот внесуваат децата

Какви промени во бракот внесуваат децата

Чарлс: * „Мери и јас бевме пресреќни кога ни се роди ќеркичката. Но, првите неколку месеци поминав многу непроспани ноќи. Имавме разни планови за тоа како да се грижиме за неа, но сите брзо паднаа во вода“.

Мери: „Кога ни се роди бебето, јас како да престанав да постојам. Одеднаш, најважно стана да го спремам шишенцето со млеко, да му ја сменам пелената на бебето или да го смирам кога ќе се расплаче. Тоа беше огромна промена. Односот со Чарлс ни се врати во нормала дури по неколку месеци“.

МНОЗИНА ќе се согласат дека децата се една од најубавите работи во животот. Библијата вели дека тие се „награда“ од Бог (Псалм 127:3). Новите родители како Чарлс и Мери знаат дека децата можат да внесат и сосема неочекувани промени во бракот. На пример, една нова мајка што целосно му се посветува на своето бебе можеби ќе се изненади кога ќе сфати како нејзиното тело и срце реагираат на секое кенкање на новороденчето. А новиот татко, пак, може да се изненади од цврстата врска меѓу неговата жена и бебето. Но, можеби и ќе го фати страв дека одеднаш ќе биде запоставен.

Всушност, раѓањето на првото дете може да биде причина за криза во бракот. На површина може да излезе ниската самодоверба на еден од сопружниците, како и нерасчистените проблеми меѓу брачните партнери, кои може да станат уште поочигледни поради притисоците што со себе ги носи родителството.

Како можат новите родители да се снајдат во првите неколку месеци, кои се прилично стресни и во кои целото свое внимание треба да му го посветат на новороденчето? Што да направат брачните другари за да останат блиски? Како да ги средат недоразбирањата околу грижата за детето? Да ги разгледаме овие проблеми и да видиме како можат брачните двојки да ги решат со помош на библиските начела.

ПРОБЛЕМ 1: Одеднаш сѐ почнува да се врти околу детето.

Новото бебе бара мајката целосно да му ги посвети своето време и своите мисли. Грижата за бебето може да ѝ претставува задоволство во емоционален поглед. Но, сопругот може да се чувствува запоставен. Мануел од Бразил вели: „Најтешко ми беше да се навикнам на тоа дека жена ми повеќе внимание му обрнуваше на бебето отколку мене. Претходно бевме важни само јас и таа, но одеднаш станаа важни само жена ми и бебето“. Како да се соочиш со оваа драстична промена?

Тајна на успехот: Бидете стрпливи.

„Љубовта е долготрпелива и љубезна“, пишува во Библијата. Љубовта „не ја бара својата корист, не се раздразнува“ (1. Коринќаните 13:4, 5). Како можат сопругот и сопругата да го применат овој совет кога ќе им се роди бебе?

Еден мудар сопруг ќе покаже дека многу ја сака својата сопруга на тој начин што ќе се информира повеќе за тоа како се одразува породувањето врз физичката и емоционалната состојба на една жена. Така ќе сфати зошто на жена му може толку неочекувано да ѝ се смени расположението. * Адам од Франција, кој има 11-месечна ќеркичка, признава: „Понекогаш ми е тешко да покажам разбирање за промените во расположението на жена ми. Но, се трудам да мислам на тоа дека нејзината фрустрација не е насочена кон мене, туку дека е последица од стресот што го носи новата ситуација“.

Дали жена ти понекогаш погрешно те разбира кога сакаш да ѝ помогнеш? Немој брзо да се лутиш поради тоа (Проповедник 7:9). Биди стрплив и мисли на нејзините, а не на своите потреби. Тоа ќе ти помогне да не се изнервираш (Изреки 14:29).

Од друга страна, пак, една прониклива сопруга ќе се труди да му помогне на својот сопруг полесно да се снајде во новата улога. Ќе го вклучи во грижата околу детето, стрпливо покажувајќи му како се менуваат пелени или како се подготвува шишенцето со храна — иако во почетокот можеби ќе биде малку несмасен.

Елен, која има 26 години, сфатила дека требало да смени нешто во својот однос кон маж ѝ. „Не требаше да бидам толку посесивна кон бебето“, вели таа. „Исто така, морав постојано да внимавам да не бидам ситничава кога маж ми се трудеше да се грижи за бебето онака како што му кажував“.

ПРЕДЛОГ: Сопруги, ако во грижата за детето сопругот ги прави работите поинаку од начинот на кој ги правите вие, немојте да го критикувате ниту да одите по него и одново да правите сѐ. Пофалете го за трудот што го вложува, бидејќи само така ќе му ја зајакнете самодовербата и ќе го мотивирате да ви ја дава потребната поддршка. Сопрузи, не губете го времето на неважни работи за да ви остане повеќе време да ѝ помогнете на вашата жена, посебно во првите месеци откако ќе се роди бебето.

ПРОБЛЕМ 2: Почнувате да се оддалечувате еден од друг.

Бидејќи се истоштени од недоволното спиење и од проблемите што неочекувано се јавуваат, на многу двојки кои штотуку станале родители им е тешко да останат блиски. Вивиен, мајка од Франција која има две мали деца, признава: „Во почетокот толку мислев на моите должности како мајка што речиси ги заборавив должностите како сопруга“.

Од друга страна, пак, сопругот можеби нема да сфати дека бременоста влијаела врз жена му во физички и во емоционален поглед. Бебето може да ви ги зема времето и силите што претходно сте ги вложувале за да останете емоционално и физички блиски. Тогаш, што може да направи една брачна двојка за да не дозволи нивното беспомошно, слатко бебенце да биде јаз меѓу нив?

Тајна на успехот: Покажувајте си дека се сакате.

Во врска со бракот, во Библијата пишува: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ * (1. Мојсеева 2:24). Јехова Бог имал намера децата еден ден да се одвојат од родителите. За разлика од тоа, Бог очекува врската меѓу мажот и жената, која е опишана како „едно тело“, да трае цел живот (Матеј 19:3-9). Што можат да направат брачните другари за да не го изгубат од вид овој факт кога ќе им се роди бебе?

Вивиен вели: „Размислував за зборовите од 1. Мојсеева 2:24 и сфатив дека јас сум ‚едно тело‘ со мојот сопруг — а не со моето дете. Увидов дека треба да го зацврстам нашиот брак“. Тереза, која има двегодишна ќеркичка, вели: „Ако почувствувам дека почнувам да се оддалечувам од маж ми, веднаш се трудам да му обрнам внимание, макар и само малку време секој ден“.

Ако си сопруг, што можеш да направиш за да си го зајакнеш бракот? Кажи ѝ на жена ти дека ја сакаш. Покажи го тоа и со нежни постапки. Потруди се да ја успокоиш кога ќе ѝ се јават чувства на несигурност. Сара, мајка која има 30 години, вели: „На жената ѝ е потребно маж ѝ да покаже дека сѐ уште ја цени и ја сака, иако нејзиното тело повеќе не е такво какво што било пред бременоста“. Ален од Германија, кој има две деца, сфаќа колку е важно да ѝ дава емоционална поддршка на својата сопруга. Тој вели: „Секогаш се трудам да ѝ бидам рамо за плачење на жена ми“.

Се разбира, кога ќе се роди бебе, доаѓа и до нарушување на сексуалниот живот на една брачна двојка. Затоа, сопругот и сопругата треба отворено да разговараат за своите потреби. Библијата вели дека брачните другари може да се воздржуваат од интимни односи само „по договор“ (1. Коринќаните 7:1-5). За тоа е потребна отворена комуникација. Поради твоето воспитување или средината во која си растел, можеби не ти е пријатно да зборуваш за сексот со твојот сопружник. Но, овие разговори се многу битни за да можете како брачен пар да се навикнете на вашата улога на родители. Бидете сочувствителни, стрпливи и искрени (1. Коринќаните 10:24). Така ќе избегнете недоразбирања и ќе си ја зајакнете љубовта (1. Петрово 3:7, 8).

Сопружниците можат да ја продлабочат својата љубов ако покажуваат ценење и благодарност еден кон друг. Мудриот сопруг ќе сфати дека многу работи што ги прави една мајка не се гледаат на прв поглед. Вивиен вели: „На крајот од денот честопати имам чувство дека не сум направила ништо — иако цел ден глава не сум кренала од работа околу бебето!“ И покрај тоа што е зафатена, една внимателна сопруга ќе води сметка да не го омаловажува она што нејзиниот сопруг го прави за семејството (Изреки 17:17).

ПРЕДЛОГ: Мајки, ако е можно, дремнете додека спие бебето. Ако на таков начин „ги полните батериите“, ќе имате повеќе сили за брачната врска. Татковци, кога е можно, станувајте ноќе да го нахраните или да го преслечете бебето за да може вашата жена да се одмори. Редовно покажувајте ѝ дека ја сакате на тој начин што ќе ѝ оставате кратки писменца, ќе ѝ испраќате СМС-пораки или ќе ѝ се јавувате. Како брачна двојка, одвојте си време за да разговарате насамо. Зборувајте и за себе, а не само за детето. Одржувајте цврсто пријателство. Така полесно ќе ги решавате проблемите со кои се соочувате како родители.

ПРОБЛЕМ 3: Не се согласувате околу начинот на воспитување на детето.

Поради различното потекло, може да се случи мажот и жената да почнат да се расправаат. Асами и Кацуро од Јапонија имале сличен проблем. Асами вели: „Мислев дека Кацуро е премногу попустлив кон нашата ќерка, а тој мислеше дека јас сум премногу строга“. Што да направите за да го воспитувате вашето дете во ист правец?

Тајна на успехот: Комуницирајте меѓу себе и помагајте си.

Мудриот цар Соломон напишал: „Вообразеноста само предизвикува караници, а мудри се оние што меѓусебно се советуваат“ (Изреки 13:10). Знаеш ли какви гледишта има твојот сопружник во врска со воспитувањето на децата? Ако чекате да се роди бебето па дури потоа да разговарате за конкретни аспекти од неговото воспитување, може да се случи да почнете да работите еден против друг наместо успешно да го решавате проблемот.

На пример, за кои од следниве прашања имате исто мислење: „Како да му всадиме на детето добри навики на исхрана и спиење? Дали да го земеме бебето в раце секојпат кога ќе заплаче додека го успиваме? Како да го научиме да користи нокширче?“ Се разбира, вашите одлуки ќе бидат поинакви од одлуките на други брачни двојки. Итан, кој има две деца, вели: „За да бидете на иста бранова должина морате да разговарате отворено за работите. Така ќе можете подобро да ги задоволите потребите на детето“.

ПРЕДЛОГ: Размисли за тоа како те воспитувале твоите родители. Одлучи кои нивни ставови и постапки би сакал да ги усвоиш додека го воспитуваш своето дете. Исто така, одлучи кои ставови и постапки не би сакал да ги повториш. Разговарај со твојот сопружник за тоа.

Детето може да влијае позитивно врз бракот

Исто како што на двајца неискусни лизгачи на мраз им треба време и стрпливост за да научат да одржуваат рамнотежа додека се лизгаат на мразот, и вам ви треба време за да се навикнете на новите улоги што ги имате како родители. Но, со текот на времето, ќе успеете.

Подигањето на децата ќе ја стави на испит вашата брачна врска и засекогаш ќе го промени вашиот однос. Меѓутоа, ќе ви даде и можност да стекнете скапоцени особини. Ако ги применувате мудрите совети од Библијата, ќе сфатите што мислел Кенет кога рекол: „Воспитувањето на децата влијаеше добро врз мене и врз жена ми. Научивме да не мислиме само на себе и сега покажуваме повеќе љубов и разбирање“. Секако дека таквите промени се добредојдени во бракот.

^ пас. 3 Имињата во оваа статија се сменети.

^ пас. 11 По породувањето, многу мајки добиваат напади на лесна депресија. Кај некои таа се развива во постпородилна депресија. Нешто повеќе за тоа како да се препознае и да се излезе на крај со овој проблем можеш да прочиташ во статиите „Ја добив битката со постнаталната депресија“ во Разбудете се! од 8 ноември 2002, и „Да се разбере постнаталната депресија“ во Разбудете се! од 8 септември 2003. Овие публикации се издадени од Јеховините сведоци.

^ пас. 19 Според еден научен труд, хебрејскиот глагол кој во 1. Мојсеева 2:24 е преведен со „прилепи“ значи ‚да се приврзеш кон некого од љубов и да му бидеш верен‘.

ПРАШАЈ СЕ . . .

  • Што направив во изминатава седмица за да му покажам на мојот сопружник дека го ценам она што го прави за семејството?

  • Кога последен пат разговаравме и за други работи освен за детето?