Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тајни на семејната среќа

Научи ги своите деца на висок морал

Научи ги своите деца на висок морал

Лоида, * мајка од Мексико, вели: „На тинејџерите во училиште им се делат презервативи, па затоа си мислат дека нема ништо лошо во тоа да имаат секс — под услов да се работи за ‚безбеден‘ секс“.

Нобуко, мајка од Јапонија, вели: „Го прашав син ми што би правел ако тој и неговата девојка останат сами. Ми одговори: ‚Не знам‘“.

КОГА децата беа мали, дали водеше сметка домот да биде безбедно место за нивните детски игри? Можеби ги затвораше штекерите, ги криеше острите предмети и го спречуваше пристапот до скалите — само за да не се повредат.

Но, многу потешко е да го заштитиш детето откако порасна и стана тинејџер. Сега те загрижуваат пострашни работи: ‚Дали син ми гледа порнографија?‘ ‚Дали ќерка ми си разменува пораки или слики со непристојна содржина?‘ И најстрашното од сѐ: ‚Дали моето дете има секс?‘

Строгата контрола не е решение

Некои родители се обидуваат да ги држат своите тинејџери под 24-часовен надзор така што постојано се околу нив и им го следат секое движење. Но, многу од овие родители подоцна увидуваат дека на таков начин само ги тераат децата да научат мајсторски да се кријат додека го прават токму она што родителите се обидуваат да го спречат.

Значи, строгата контрола не е решение. Ни Јехова Бог не ја користи таа метода за да ги натера своите созданија да му бидат послушни, па не треба да ја користиш ни ти како родител (5. Мојсеева 30:19). Тогаш, како можеш да му помогнеш на својот тинејџер да донесува мудри одлуки во поглед на моралот? (Изреки 27:11).

Прв чекор е да почнеш редовно да разговараш на таа тема со своите деца, и тоа уште додека се мали * (Изреки 22:6). Кога ќе станат тинејџери, продолжи да разговараш. Од тебе како родител децата треба да бидат најмногу и најточно информирани за сексот. „Многумина си мислат дека за тоа повеќе би сакале да зборуваме со другарите“, вели Алиша од Британија, „ама тоа не е точно. Би сакале на таа тема да зборуваме со родителите. Имаме доверба во она што ќе ни го кажат.“

Постави високи морални мерила

Како што растат, децата треба да бидат информирани за сексот повеќе отколку само да им се објасни како се раѓаат бебињата. Нивната ‚моќ на согледување преку искуство треба да им биде извежбана да разликува добро и зло‘ (Евреите 5:14). Кратко кажано, мора да имаат морални мерила — да имаат изградено цврсти ставови во врска со сексот — и да живеат во склад со тие ставови. Како да всадиш во своето дете високи морални мерила?

Најпрво размисли за моралните мерила што ги имаш ти. На пример, можеби си цврсто убеден дека не е исправно да се живее неморално, односно две невенчани лица да имаат полови односи (1. Солуњаните 4:3). Сигурно на твоите деца им е познат овој твој став, можеби дури и знаат да наведат библиски стихови што го поткрепуваат. Ако ги прашаш дали е исправно да се има предбрачен секс, веројатно веднаш ќе одговорат дека не е исправно.

Но, тоа не е доволно. Во една книга стои дека некои млади само навидум се согласуваат со гледиштето за сексот што го имаат нивните родители. Во неа пишува: „Тие не се чувствуваат доволно сигурни да оформат свое мислење. Затоа, кога ќе се најдат во неочекувана ситуација и на лице место треба да одлучат ‚колку далеку да одат‘, збунети се и не знаат што да прават“ (Што треба да знаеш во врска со сексот — Sex Smart). Токму затоа мора да имаат мерила. Како да му помогнеш на твоето дете да стекне високи морални мерила?

Јасно покажи кои се твоите мерила.

Се согласуваш ли дека сексот е само за во бракот? Тогаш, јасно и често кажувај му го тоа на твојот тинејџер. Во една книга пишува дека „во семејствата каде што родителите јасно им дале до знаење на своите деца дека не се согласуваат тинејџерите да имаат секс, децата не брзаат да станат сексуално активни“ (Што откако ќе ја начнеш темата за секс — Beyond the Big Talk).

Се разбира, како што веќе спомнавме, тоа што ќе им ги кажеш на децата твоите морални мерила не е гаранција дека ќе изберат да живеат според нив. Меѓутоа, цврстите семејни мерила се темел врз кој децата можат да ги градат и своите мерила. А истражувањата покажале дека многу млади еден ден сепак ги усвојуваат мерилата на своите родители, иако во тинејџерските години изгледало дека не ги прифатиле.

ПРЕДЛОГ: Искористи некој настан од вестите за да почнеш разговор со кој ќе му пренесеш на детето некои свои мерила. На пример, ако се случила сексуална злоупотреба, би можел да речеш: „Се згрозувам кога ќе чујам како некои мажи се обидуваат да ги искористат жените. Што мислиш, зошто го прават тоа?“

Кажи им ја целата вистина за сексот.

Точно е дека мора да ги предупредиш децата на некои работи (1. Коринќаните 6:18; Јаков 1:14, 15). Меѓутоа, Библијата првенствено го прикажува сексот како дар од Бог, а не како замка од Сатана (Изреки 5:18, 19; Песна над песните 1:2). Ако им зборуваш само за опасностите, може да стекнат погрешно, небиблиско гледиште за сексот. „Моите родители толку го истакнуваа неморалот“, вели Корина од Франција, „што тоа ми создаде негативен став кон половите односи“.

Погрижи се твоите деца да ја дознаат целата вистина за сексот. „Кога децата беа тинејџери, се трудев да им објаснам дека сексот е убава и природна работа која Јехова Бог им ја подарил на луѓето за да им носи задоволство“, вели една мајка од Мексико по име Надја. „Но, местото му е само во бракот. Може да биде извор на радост или на болка, зависно од тоа како го користиме тој дар.“

ПРЕДЛОГ: Следниот пат кога ќе зборуваш со своето дете за сексот, заврши го разговорот со позитивен тон. Не плаши се да го прикажеш сексот како убав дар од Бог во кој ќе може да ужива во иднина кога ќе стапи во брак. Покажи увереност дека дотогаш твојот тинејџер може да живее според Божјите мерила.

Помогни му на тинејџерот да ги увиди последиците.

За да донесат исправна одлука на кое и да е поле од животот, тинејџерите треба да знаат пред каков избор стојат и потоа да ги одмерат добрите и лошите страни на секоја опција. Немој да мислиш дека е доволно само да знаат што е исправно, а што погрешно. „Кога размислувам за грешките што ги направив во младоста“, вели Ема од Австралија, која е христијанка, „сфаќам дека тоа што добро ги познаваш Божјите мерила не значи и дека се согласуваш со нив. Важно е да разбереш зошто тие мерила се за твое добро и какви ќе бидат последиците ако не живееш според нив.“

Библијата може да им помогне на младите, бидејќи во неа се запишани многу заповеди во кои се објаснети и последиците од непослушноста. На пример, во Изреки 5:8, 9 младите се поттикнати да бегаат од неморал ‚за да не им го дадат своето достоинство на други‘. Како што покажуваат овие стихови, оние што имаат предбрачни односи жртвуваат дел од својата личност и самопочит. Исто така, тоа ќе ги направи помалку привлечни во очите на некој иден сопружник, кој можеби ги има тие карактеристики. Ако тинејџерот размислува за физичките, емоционалните и духовните опасности на кои се изложува ако ги крши Божјите закони, ќе стане уште поцврсто решен да живее според нив. *

ПРЕДЛОГ: Користи споредби и примери за да му помогнеш на детето да увиди колку е мудро да живее според Божјите мерила. На пример, би можел да речеш: „Огнот е добар во каминот, но во шумата е штетен. Која е разликата, и како може твојот одговор да се примени и на границите што ги поставил Бог во врска со сексот?“ Употреби го извештајот од Изреки 5:3-14 за да му помогнеш на своето дете да разбере кои се штетните последици од неморалот.

Такао од Јапонија, кој има 18 години, вели: „Знам дека треба да го правам она што е исправно, но морам постојано да водам борба со желбите на телото.“ Младите што се во ваква ситуација може да се утешат кога ќе помислат дека не се единствените што се борат со себе. Дури и апостол Павле, кој бил непоколеблив христијанин, признал: „Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене“ (Римјаните 7:21).

Добро е тинејџерите да сфатат дека ваквата борба не е секогаш лоша. Таа може да ги поттикне да размислат каква личност сакаат да станат. Може да им помогне да расчистат со прашањето: ‚Дали сам ќе управувам со мојот живот и ќе бидам човек со цврсти ставови и високи мерила, или ќе бидам човек што се поведува по другите — личност што веднаш им подлегнува на своите желби?‘ Ако твоето дете стекне високи морални мерила, ќе даде мудар одговор на ова прашање.

^ пас. 3 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 10 Предлози за тоа како да почнеш да зборуваш со своите деца на оваа тема и како да ги поучуваш за сексот во склад со нивната возраст можеш да најдеш во Стражарска кула од 1 ноември 2010 год., на страници 12-14.

^ пас. 22 Нешто повеќе во врска со ова можеш да прочиташ во статијата „Младите прашуваат — дали сексот ќе ја зајакне нашата врска?“, во Разбудете се! од април 2010 год. Ова списание е издадено од Јеховините сведоци.

ПРАШАЈ СЕ...

  • Како можам да препознаам дали моето дете има цврсти морални мерила?

  • Кога разговарам со моето дете за сексот, дали првенствено го прикажувам како дар од Бог или како замка од Сатана?