Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дозволуваш ли Бог да ти зборува секој ден?

Дозволуваш ли Бог да ти зборува секој ден?

КОЛКУ често се погледнуваш во огледало? Повеќето од нас го прават тоа секојдневно — можеби дури и неколку пати во текот на денот. Зошто? Затоа што ни е важно како изгледаме.

Читањето на Библијата може да се спореди со поглед во огледало (Јаков 1:23-25). Пораката што е запишана во Божјата реч има моќ да ни помогне да се видиме онакви какви што навистина сме. Таа „продира дури дотаму што ги разделува душата и духот“ (Евреите 4:12). Со други зборови, го разграничува она што изгледа дека сме однадвор и она што навистина сме однатре. Таа ни покажува што треба да поправиме кај себе, исто како што ни покажува и огледалото.

Библијата не ни открива само во што треба да се поправиме туку ни помага и да го направиме тоа. Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста“ (2. Тимотеј 3:16, 17). Забележи дека од четири корисни работи што се спомнати, три од нив — укорувањето, поправањето и воспитувањето — вклучуваат исправки во нашиот став и во нашите постапки. Штом треба редовно да се погледнуваме во огледало за да провериме дали добро изгледаме, уште повеќе треба да ја читаме Божјата реч, Библијата, и тоа редовно!

Кога го поставил Исус Навин за водач на Израел, Јехова Бог му рекол: „Оваа книга на законот нека не ти се одделува од устата! Внимателно читај ја дење и ноќе за да го правиш совесно сето она што е запишано во неа, зашто тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Исус Навин 1:8). Значи, за да биде успешен, Исус Навин требало да ја чита Божјата реч „дење и ноќе“, односно редовно.

И во првиот псалм е истакнато колку е корисно редовно да се чита Библијата. Таму стои: „Среќен е човекот што не постапува според советот на злите, не стои на патот на грешниците и не седи во друштвото на потсмевачите, туку ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе. Тој е како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:1-3). Сигурно дека сакаме и ние да бидеме такви.

Многу луѓе имаат навика секој ден да ја читаат Библијата. Кога го прашале зошто ја чита Библијата секој ден, еден христијанин одговорил: „Ако постојано му се молам на Бог во текот на денот и очекувам тој да ме чуе, зар не треба и јас да слушам што ми кажува тој така што ќе ја читам неговата Реч секој ден? Ако сакам да бидам добар пријател, не треба цело време да зборувам само јас“. Овој христијанин е во право. Кога ја читаме Библијата, исто како да го слушаме Бог, затоа што така го дознаваме неговото гледиште за работите.

Како да успееш

Можеби веќе си се обидел да ја читаш Библијата според некој распоред. Си ја прочитал ли целата Библија од почеток до крај? Тоа е одличен начин подобро да се запознаеш со нејзината содржина. Меѓутоа, некои повеќепати почнале да ја читаат Библијата, но по некое време прекинале. Дали и тебе ти се случило тоа? Што би можел да направиш за да успееш да ја прочиташ целата Библија? Обиди се да ги примениш овие два предлога.

Направи си распоред да читаш секој ден. Избери си време во денот кога ќе можеш да ја читаш Библијата. Исто така, направи си и резервен план. Ако од некоја причина не можеш да ја читаш Библијата во терминот кога би сакал, испланирај си друг термин за да не помине ниту еден ден без да читаш од Божјата реч. На тој начин ќе бидеш како древните Веријци. За нив е напишано дека ‚ја примиле речта и секој ден ги истражувале Писмата за да видат дали е тоа така‘ (Дела 17:11).

Постави си конкретна цел. На пример, ако секој ден читаш од три до пет поглавја, ќе успееш да ја прочиташ целата Библија за само една година. Распоредот на следните страници ќе ти помогне во тоа. Би можел да се обидеш да читаш според овој распоред. Во колоната „датум“ испланирај кога ќе ги читаш поглавјата. Потоа штиклирај дека си ги прочитал тие поглавја. Така ќе можеш да бидеш во тек до каде си со читањето.

Штом ќе ја прочиташ Библијата еднаш, не мора да престанеш да ја читаш. Би можел да го користиш истиот распоред за да ја прочиташ целата Библија секоја година, и секој пат можеш да почнеш од различен дел. А ако сакаш да читаш пополека, би можел секоја целина да ја распоредиш на два или три дена.

Секогаш кога ја читаш Библијата, ќе најдеш нови работи што се однесуваат на твојот живот — работи што не си ги забележал никогаш порано. Зошто? Затоа што „се менува лицето на овој свет“, а постојано се менуваат и нашиот живот и околности (1. Коринќаните 7:31). Затоа, биди решен секој ден да се погледнуваш во симболичното огледало — Божјата реч, Библијата. На тој начин ќе му дозволиш на Бог да ти зборува секој ден (Псалм 16:8).