Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Службата за Бог му е лек!

Службата за Бог му е лек!

Додека биле во служба, двајца пионери биле поканети да влезат во една куќа во Кенија. Многу се изненадиле од глетката што ги пречекала внатре. На креветот во собата лежел човек со невообичаено мало тело и кратки раце. Кога браќата му прочитале од Библијата дека еден ден „сакатиот ќе скока како елен“, на лицето му се разлеала широка насмевка (Иса. 35:6).

Пионерите дознале дека овој човек, кој се вика Онесмус и сега има речиси 40 години, бил роден со остеогенеза имперфекта, наследна болест која се карактеризира со кршливост на коските. Неговите коски се толку кревки што се кршат и под најмал притисок. Со оглед на тоа што оваа болест е неизлечлива, Онесмус бил свесен дека до крајот на животот ќе трпи болка и ќе биде врзан за инвалидска количка.

Тој се согласил да ја проучува Библијата. Но, мајка му не му дозволувала да оди на христијанските состаноци затоа што се плашела дека така би можел да се повреди и да си нанесе поголема болка. Затоа, браќата му давале снимки од состаноците, и Онесмус ги слушал дома. Пет месеци откако почнал да проучува, тој сепак одлучил да оди на состаноците и покрај опасноста да се повреди.

Дали тоа што одел на состаноците навистина му предизвикало поголема болка? Се случило токму спротивното. Тој вели: „Кога бев на состанок, мојата непрестајна болка како да исчезнуваше“. Онесмус е уверен дека токму надежта од Божјата Реч му помагала да се чувствува подобро. Кога забележала дека станал многу повесел од порано, мајка му била толку среќна што се согласила и самата да ја проучува Библијата. Таа често велела: „Службата за Бог е лек за мојот син“.

За кратко време, Онесмус станал некрстен објавител, а потоа се крстил и сега е слуга-помошник. Иако не може да ги движи нозете и едната рака, тој имал желба да прави сѐ што може во службата за Јехова. Сакал да биде помошен пионер, но се колебал да поднесе молба. Зошто? Знаел дека нема да може да успее сам бидејќи некој постојано требало да ја турка неговата количка. Кога им кажал на браќата и сестрите што го загрижува, тие му ветиле дека ќе му помагаат. Бидејќи му ја дале потребната поддршка, Онесмус успеал да служи како помошен пионер.

По некое време, почнал да размислува и за општа пионерска служба, но повторно го загрижувале истите прашања. Сепак, кога еден ден го прочитал дневниот стих, многу се охрабрил. Стихот за тој ден бил Псалм 34:8, каде што стои: „Вкусете и видете колку е добар Јехова!“ Откако длабоко размислувал за овој стих, тој одлучил да даде молба за општа пионерска служба. Сега Онесмус проповеда четири дена седмично и води неколку библиски студии со интересенти кои добро напредуваат. Во 2010 год., присуствувал и на Школата за пионери. Бил пресреќен што инструктор му бил токму еден од браќата кои за првпат дошле кај него!

Родителите на Онесмус сега се починати, но браќата и сестрите од собранието се грижат за неговите секојдневни потреби. Тој е благодарен за сите благослови што ги има сега, и со нетрпение го очекува денот кога „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Иса. 33:24).