Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

She Belonged to the Family of Caiaphas

She Belonged to the Family of Caiaphas

Понекогаш некое археолошко откритие директно или индиректно потврдува дека одредена личност од Библијата навистина постоела. На пример, во 2011 год., некои израелски изучувачи објавиле информации во врска со едно вакво откритие. Станува збор за еден вид урна стара околу 2.000 години. Во вакви урни, кои биле во облик на мал изрезбан ковчег од варовник, се ставале коските на починатиот откако телото ќе се распаднело.

На пронајдената урна стои натписот: „Маријам, ќерка на Јешуа, син на Кајафа, свештеник [од родот] на Маазија од Бет Имри“. Во судењето и погубувањето на Исус учествувал еврејскиот првосвештеник Кајафа (Јован 11:48-50). Историчарот Јосиф Флавиј се осврнува на овој првосвештеник како на „Јосиф, кој бил наречен Кајафа“. Во урната за која станува збор очигледно биле ставени коските на некоја негова роднина. Претходно била пронајдена друга урна во која се смета дека биле коските на тој првосвештеник, бидејќи на неа стоел натписот „Јехосеф бар Кајафа“, или Јосиф, синот на Кајафа. a Според тоа, Маријам можеби му била роднина.

Според информациите што ги објави Израелската управа за антиквитети, урната на Маријам била запленета од крадци кои ограбиле некоја древна гробница. Анализата на овој археолошки пронајдок и на неговиот натпис потврдува дека не станува збор за фалсификат.

Од урната на Маријам дознаваме уште нешто. Во натписот е спомнат „Маазија“, на кој му припаѓала последната од 24-те свештенички групи кои служеле наизменично во храмот во Ерусалим (1. Лет. 24:18). Натписот на оваа урна покажува дека „семејството на Кајафа потекнувало од групата на Маазија“, вели Израелската управа за антиквитети.

Во натписот е спомнат и Бет Имри. Овој назив може да се протолкува на два начина. „Можно е Бет Имри да се однесува на едно свештеничко семејство — синовите на Имер (Езра 2:36, 37; Неем. 7:39-42) чии потомци спаѓале во групата на Маазија“, вели Израелската управа за антиквитети. „Но, можно е [Бет Имри] да се однесува и на местото од каде што потекнувала починатата или целото нејзино семејство.“ Како и да е, урната на Маријам е доказ дека во Библијата се зборува за вистински личности кои припаѓале на вистински семејни лози.

a Во врска со урната на Кајафа, види ја статијата со наслов „Првосвештеникот што го осудил Исус“, во Стражарска кула од 15 јануари 2006, страници 10-13.