Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Еден гест на добрина што не се заборава

Еден гест на добрина што не се заборава

ВО ЕДЕН мал град во Гуџарат (Индија), таткото на Џон станал Јеховин сведок при крајот на 1950-тите. Но Џон, кој тогаш имал 13 години, како и неговите двајца браќа, трите сестри и мајка му, биле многу ревни католици. Затоа, му се противеле на таткото.

Во една прилика, татко му на Џон побарал од него да му однесе плик на еден брат од собранието. Но, тоа утро Џон си го исекол прстот додека отворал едно големо лимено буре. Сепак, бидејќи сакал да го послуша татко му, си го заврзал повредениот прст со крпче и отишол да го однесе пликот.

Кога Џон пристигнал на адресата каде што живеел братот, пликот го зела сопругата која исто така била Јеховин сведок. Таа забележала дека Џон е повреден и рекла дека ќе му помогне. Ја зела својата кутија за прва помош, му ја исчистила раната и му го преврзала прстот. Потоа му направила чај. За сето тоа време, таа пријателски разговарала со него за Библијата.

Поради нејзината добрина, предрасудите на Џон кон Сведоците почнале да се рушат. Затоа, тој ѝ поставил две прашања во врска со верувањата на Јеховините сведоци кои се разликуваат од оние на Католичката црква. Ја прашал дали Исус е Бог и дали христијаните треба да ѝ се молат на Марија. Сестрата го имала научено јазикот гуџарати и затоа можела да му одговори на Џон користејќи Библија на неговиот јазик. Освен тоа, му ја дала брошурата Оваа добра вест за Царството * која исто така била на тој јазик.

Подоцна, кога Џон ја прочитал брошурата, сфатил дека тоа е вистината. Тој отишол кај својот свештеник и му ги поставил истите две прашања. Свештеникот многу се разлутил и фрлил Библија кон него, извикувајќи: „Ти си станал Сатана! Покажи ми каде во Библијата пишува дека Исус не е Бог. Покажи ми каде пишува дека не треба да ѝ се молиме на Марија. Покажи ми!“ Џон толку се запрепастил од реакцијата на свештеникот што му кажал: „Никогаш повеќе нема да стапнам во католичка црква“. И навистина било така.

Џон почнал да проучува со Сведоците, ја прифатил вистината и почнал да му служи на Јехова. Со текот на времето, уште неколку членови од семејството го направиле истото. Иако оттогаш поминале веќе 60 години, лузната на прстот сѐ уште го потсетува на гестот на добрина кој го поттикнал цел живот да му служи на Јехова (2. Кор. 6:4, 6).

^ пас. 5 Оваа брошура ја нема на македонски.