Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Тоа што сум глувонем не ме спречи да ги поучувам другите

Тоа што сум глувонем не ме спречи да ги поучувам другите

Се крстив како Јеховин сведок во 1941 год., кога имав 12 години. Но, библиската вистина потполно ја разбрав дури во 1946 год. Зошто? Дозволете ми да ви раскажам.

НЕКАДЕ околу 1910 год., моите родители се преселиле од Тбилиси (Грузија) во Канада. Тие живееле во една селска куќичка на фарма близу Пели (Саскачивен, западна Канада). Роден сум во 1928 год., како најмал од шесте деца. Татко ми умрел шест месеци пред моето раѓање, а мајка ми умрела кога сум имал една година. Кратко потоа, мојата најстара сестра, Луси, умрела на возраст од 17 години. Затоа, вујко ми Ник се грижеше за мене и за моите браќа и сестри.

Еден ден, кога сум имал околу 2 години, членовите на моето семејство ме виделе како ја влечам опашката на еден од нашите коњи. Исплашени дека коњот може да ме удри, почнале на сет глас да ми викаат да престанам, но јас не сум реагирал. Сум бил свртен со грб и не сум го слушнал нивното викање. За среќа, ништо не ми се случило, но тој ден моето семејство открило дека сум глув.

Еден семеен пријател предложил да одам на училиште каде што има и други глуви деца. Затоа вујче Ник ме испрати на училиште за глуви во Саскатун (Саскачивен). Ова училиште беше далеку од моето семејство. Бидејќи имав само пет години, бев преплашен. Можев да одам кај семејството само за празниците и за време на летниот распуст. Но, со текот на времето, го научив знаковниот јазик и ми беше интересно да си играм со другите деца.

ЈА ДОЗНАВАМ БИБЛИСКАТА ВИСТИНА

Во 1939 год., мојата постара сестра Марион се омажи за Бил Даниелчак, и тие ја презедоа грижата за мене и за сестра ми Франсес. Тие беа првите од семејството кои почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. За време на летните распусти, правеа сѐ што можеа за да ме поучат за Библијата. Не ни беше лесно да комуницираме бидејќи не знаеја знаковен јазик. Но, очигледно можеа да видат дека навистина го сакав она што го учев за Јехова. Сфатив дека она што го правеа мора да е поврзано со Библијата и затоа и јас одев со нив кога проповедаа. Набрзо изразив желба да се крстам и, на 5 септември 1941 год., Бил ме крсти во едно метално буре полно со вода нацрпена од еден бунар. Водата беше многу, многу ладна!

Со група глувонеми луѓе на еден конгрес во Кливленд (Охајо) во 1946 год.

Во 1946 год., кога се вратив дома за време на летото, отидовме на еден конгрес во Кливленд (Охајо, САД). Првиот ден, моите сестри ми пишуваа белешки и така можев да ја следам програмата. Но, вториот ден многу се израдував кога дознав дека на конгресот има група со глувонеми лица и толкувач на знаковен јазик. Конечно можев да уживам во програмата и добро да ја разберам библиската вистина!

ПОУЧУВАМ ДРУГИ ЗА ВИСТИНАТА

Во тоа време, само што заврши Втората светска војна и луѓето имаа силни патриотски чувства. Но, кога се вратив од конгресот и отидов на училиште, јас бев решен да му останам верен на Јехова. Затоа, престанав да учествувам во церемониите поврзани со поздравување на знамето и пеење на државната химна. Исто така, повеќе не учествував во празничните прослави и не одев во црква, иако тоа беше задолжително за сите ученици. Тоа не им се допаѓаше на вработените во училиштето и затоа се обидуваа да ме премислат така што ме заплашуваа и ми кажуваа лаги. Соучениците гледаа што се случува, и поради тоа имав многу прилики да им сведочам. Некои од нив, вклучувајќи ги Лари Андрософ, Норман Дитрик и Емил Шнајдер, со текот на времето ја прифатија вистината и сѐ уште му служат на Јехова.

Кога одев во други градови, секогаш се трудев да најдам глувонеми лица за да им сведочам. На пример, во Монтреал отидов во клуб за глувонеми. Таму му сведочев на еден млад човек по име Еди Тагер. Тој ја прифати вистината и служеше во собранието на знаковен јазик во Лавал (Квебек) сѐ до својата смрт минатата година. Се запознав и со младиот Хуан Арданес кој, слично на жителите од древниот град Верија, сакаше да истражува за да провери дали она што го учи се темели на Библијата (Дела 17:10, 11). И тој ја прифати вистината и служеше како старешина во Отава (Онтарио) сѐ до својата смрт.

Сведочам на улица во почетокот на 1950-тите

Во 1950 год., се преселив во Ванкувер. Иако уживам да им проповедам на глувите, никогаш нема да го заборавам искуството што го имав кога на улица ѝ сведочев на една жена која се викаше Крис Спајсер и која не беше глува. Таа прифати претплата на списанијата и сакаше да се запознаам со нејзиниот сопруг, Гари. Отидов кај нив дома и долго разговаравме со помош на пишани белешки. Повторно се видовме дури по неколку години кога, на мое изненадување, дојдоа да ме поздрават на еден конгрес во Торонто (Онтарио). Гари требаше да се крсти токму тој ден. Тоа прекрасно искуство ме потсети колку е важно постојано да проповедаме, бидејќи никогаш не знаеме кој од оние на кои сме им сведочеле ќе ја прифати вистината.

Подоцна, повторно се преселив во Саскатун. Таму запознав една жена која ме замоли да ја проучувам Библијата со нејзините две ќерки близначки Џин и Џоан Ротенбергер, кои беа глувонеми. Тие учеа во истото училиште за глувонеми во кое порано одев и јас. По кратко време, тие двете почнаа да им зборуваат на соучениците за тоа што го учеа од Библијата. Со текот на времето, пет нивни школски другарки станаа Јеховини сведоци. Една од нив беше Јунис Колин. Со Јунис за првпат се сретнав последната година од моето школување во училиштето за глувонеми. Се сеќавам еднаш ми даде бонбонче и ме праша дали сакаме да бидеме пријатели. Подоцна, Јунис стана важен дел од мојот живот — ми стана сопруга!

Со Јунис во 1960 и во 1989 год.

Кога мајка ѝ на Јунис дознала дека таа ја проучува Библијата, го замолила директорот на училиштето да ја убеди да прекине. Тој се обидувал да го стори тоа. Дури ѝ ги одзел публикациите за проучување. И покрај тоа, Јунис била решена да му остане верна на Јехова. Кога решила да се крсти, родителите ѝ рекле: „Ако станеш Јеховин сведок, ќе мора да си одиш од дома!“ Така, на 17 години, Јунис си отишла од дома и се преселила кај едно семејство Сведоци. Продолжила да проучува и подоцна се крстила. Кога се венчавме во 1960 год., нејзините родители не дојдоа на нашата венчавка. Меѓутоа, како што минуваа годините, тие сѐ повеќе нѐ почитуваа поради нашите верувања и начинот на кој ги воспитувавме децата.

ЈЕХОВА СЕКОГАШ СЕ ГРИЖЕШЕ ЗА МЕНЕ

Син ми Николас и жена му Дебора служат во Бетелот во Лондон

Како глувонеми родители, не ни беше лесно да одгледаме седум синови кои не беа глуви. Сепак, се погриживме тие да го научат знаковниот јазик за да можеме добро да комуницираме со нив и да ги поучуваме за вистината. Браќата и сестрите од собранието многу ни помагаа. На пример, во една прилика, еден родител ни напиша на лист хартија дека еден од нашите синови кажал непристојни зборови во салата за состаноци. Така можевме веднаш да преземеме нешто. Четворица од синовите — Џејмс, Џери, Николас и Стивен — сега се старешини и му служат верно на Јехова заедно со своите семејства. Исто така, Николас и неговата жена, Дебора, помагаат околу преведувањето на знаковен јазик во подружницата во Британија. А Стивен и жена му, Шана, се дел од преведувачкиот тим на знаковен јазик во подружницата во САД.

Моите синови Џејмс, Џери и Стивен со своите сопруги го поддржуваат проповедничкото дело на знаковен јазик на разни начини

За жал, еден месец пред нашата 40-та годишнина од бракот, Јунис почина од рак. Во периодот додека се бореше со болеста, таа беше многу храбра. Нејзината вера во воскресение ѝ помогна да остане силна. Со нетрпение го очекувам денот кога повторно ќе ја видам.

Феј и Џејмс, Џери и Евелин, Шана и Стивен

Во февруари 2012 год., паднав и си го скршив колкот. Сфатив дека ќе ми биде потребна помош, и затоа се преселив кај еден од синовите и неговата сопруга. Сега сме дел од собранието на знаковен јазик во Калгари, каде сѐ уште служам како старешина. Всушност, дури сега за првпат сум во собрание на знаковен јазик! Како успеав да останам близок со Јехова сите овие години додека служев во собрание на англиски јазик? Јехова ми помогна. Тој си го исполни ветувањето дека ќе се грижи за децата без татко (Пс. 10:14). Благодарен сум им на сите што беа спремни да пишуваат белешки за мене, да учат знаковен јазик и да ми ја преведуваат програмата од состаноците најдобро што можеа.

На пионерска школа на знаковен јазик кога имав 79 години

Понекогаш се обесхрабрував бидејќи не можев да разберам што се кажуваше на состаноците или затоа што ми се чинеше дека никој не ги разбира потребите на глувонемите. Но, во тие моменти се потсетував на она што Петар му го кажал на Исус: „Господару, кај кого да одиме? Ти ги имаш зборовите на вечниот живот!“ (Јован 6:66-68). Како и многу други глувонеми браќа и сестри кои се долго време во вистината, и јас научив да бидам стрплив. Научив да имам доверба во Јехова и во неговата организација, а тоа ми донесе многу благослови. Сега има многу публикации на мојот јазик, и среќен сум што можам да присуствувам на состаноци и конгреси на американски знаковен јазик. Навистина имав среќен и исполнет живот во службата за Јехова, нашиот величествен Бог.