Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Многу е важно да се разговара отворено и доволно рано

Кога некој од најблиските има неизлечива болест

Кога некој од најблиските има неизлечива болест

ДОРИН била шокирана кога на маж ѝ, Весли, кој имал 54 години, му бил дијагностициран агресивен тумор на мозокот. * Лекарите рекле дека ќе живее уште само неколку месеци. „Не можев да поверувам што слушам“, вели Дорин. „Со недели бев изгубена. Имав чувство како тоа да му се случуваше на некој друг, а не нам. Воопшто не бев подготвена за такво нешто.“

За жал, Дорин не е единствената што се нашла во таква ситуација. Неизлечива болест може да добие секој. Затоа е пофално што многумина спремно прифаќаат да се грижат за некој од најблиските кој има неизлечива болест. Сепак, таквата грижа е посебен предизвик. Како можат членовите на семејството да му пружат утеха и помош на оној што е болен? Како можат да се справат со разните чувства низ кои ќе минуваат додека се грижат за него? Што може да се очекува во последниот период од неговиот живот? Најпрво да видиме зошто грижата за некој што има неизлечива болест е посебен предизвик во нашево време.

БОЛЕДУВАЊЕТО ВО МИНАТОТО И ДЕНЕС

Напредокот на медицината придонел да се продолжи животниот век на луѓето. Пред стотина години, дури и во развиените земји просечниот животен век на луѓето бил многу пократок од денес. Кога ќе се разболеле или ќе доживееле некоја несреќа, луѓето брзо умирале. Бидејќи не било лесно да се стигне до болница, болните најчесто добивале нега од семејството и умирале во својот дом.

Денес, поради развојот на медицината, лекарите можат да употребуваат јаки терапии за да ја третираат болеста и да го продолжат животот на пациентот. Болестите од кои во минатото луѓето брзо умирале, денес можат полесно да се држат под контрола, и болниот да живее уште многу години. Сепак, тоа не значи дека болеста е излечена. Болниот честопати е во толку лоша состојба што не може сам да се грижи за себе. Затоа, грижата за таквите лица денес е потешка и понапорна.

Поради сето ова, сѐ повеќе луѓе го завршуваат својот живот во болница отколку дома. На многу луѓе не им е познато што сѐ се случува кога некој се ближи кон крајот на својот живот, и малкумина биле сведоци на нечија смрт. Стравот од непознатото може да спречи некого да се грижи за болниот член на семејството. Што би можело да помогне?

НАПРАВИ ПЛАН

Како што може да се види од примерот на Дорин, многу луѓе се страшно разочарани кога некој од нивните најблиски ќе добие неизлечива болест. Како можеш да се подготвиш за она што ќе следи и покрај чувствата на загриженост, страв и тага? Еден верен Божји слуга се молел: „Научи нѐ како да ги броиме нашите денови за да стекнеме мудро срце“ (Псалм 90:12). Моли го Јехова Бог да ти помогне да научиш да ги „броиш“ деновите, односно мудро да го искористиш преостанатото време со болниот.

За тоа е потребен добар план. Ако болниот може да комуницира и сака да зборува на таа тема, би било добро да го прашаш кој да носи одлуки наместо него во иднина, кога нема да може самиот. Ако отворено разговарате во врска со тоа дали би сакал да биде одржуван во живот со помош на апарати, да биде однесен во болница или да прима одредена терапија, ќе има помалку недоразбирања и чувства на вина помеѓу членовите на семејството кои во спротивно би биле приморани да одлучуваат наместо него. Кога се разговара отворено и доволно рано, семејството може да го насочи вниманието на тоа да пружи соодветна нега за време на боледувањето. „Намерите пропаѓаат таму каде што нема... разговор“, вели Библијата (Изреки 15:22).

КАКО ДА СЕ ПОМОГНЕ

Обично, најважното нешто што треба да го направи оној што се грижи за болниот е да пружи утеха. На лицето што е на умирање му е потребно да знае дека другите го сакаат и дека не е сам. Што би можел да направиш? Читај му или пеј му нешто што ќе му биде интересно и ќе го охрабри. На многумина им е убаво кога некој од семејството им ја држи раката и нежно им зборува.

Обично е добро да му кажеш кој дошол да го посети. Еден извештај вели: „Се смета дека последното сетило што се губи е слухот. Дури и кога лицето изгледа дека спие, можеби слуша сѐ околу него. Затоа не кажувај ништо што не би го кажал пред него кога е буден“.

Ако е можно, моли се со него. Во Библијата читаме дека во една прилика апостол Павле и луѓето со него се нашле во толку тешка ситуација што дури и животот им бил во опасност. Каква помош побарале? Павле им рекол на своите пријатели: „Можете да помогнете сесрдно молејќи се за нас“ (2. Коринќаните 1:8-11). Кога семејството е под голем стрес поради тешката болест, искрената молитва може да биде од голема помош.

ПРИФАТИ ЈА РЕАЛНОСТА

Самата помисла дека некој што толку многу го сакаш ќе умре, може да биде многу болна. Тоа не е за изненадување, бидејќи смртта не е нешто природно. Ние не сме создадени да ја прифатиме смртта како нормален дел од животот (Римјаните 5:12). Во Библијата, таа соодветно е наречена „непријател“ (1. Коринќаните 15:26). Затоа, ако не сакаш да мислиш на тоа дека твојот близок ќе почине, тоа е сосема разбирливо, па дури и нормално.

Сепак, доколку членовите на семејството се подготват за она што ќе следи, тоа ќе им го намали стравот и ќе им помогне да се сконцентрираат на она што можат да го направат во таа ситуација. Некои од работите со кои болниот можеби ќе се соочи се наведени во рамката „ Последните седмици од животот“. Се разбира, овие работи не му се случуваат на секој што има неизлечива болест ниту, пак, се одвиваат по истиот редослед. Сепак, кај повеќето болни доаѓа до барем некои од тие промени.

Откако твојот близок ќе почине, добро е да зборуваш со некој пријател кој е спремен да ти помогне. На семејството и на оние што се грижеле за болниот сигурно ќе им треба утеха и уверување дека тој повеќе не страда и не се мачи. Нашиот Творец јасно кажал дека „мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5).

НАЈГОЛЕМАТА ПОМОШ

Не ја одбивај помошта од другите

Многу е важно да се бара помош од Бог, и тоа не само кога некој член на семејството е болен туку и по неговата смрт. Бог може да ги поттикне другите да те утешат или да ти помогнат. „Научив да ја прифаќам секоја помош“, вели Дорин. „Всушност, добивме многу повеќе помош отколку што очекувавме. Со маж ми воопшто не се сомневавме дека зад тоа стои Јехова. Имавме чувство како да ни вели: ’Јас сум со вас. Јас ќе ви помогнам‘. Тоа никогаш нема да го заборавам.“

Јехова Бог може да ни ја пружи најголемата помош. Бидејќи тој нѐ создал, знае каква болка и тага чувствуваме. Тој може и сака да ни помогне и да нѐ охрабри за да можеме да продолжиме понатаму. Освен тоа, Бог ветил дека наскоро ќе ја отстрани смртта и ќе воскресне милијарди луѓе што се во неговото сеќавање (Јован 5:28, 29; Откровение 21:3, 4). Тогаш секој човек ќе може да ги каже истите зборови што ги кажал апостол Павле: „Смрт, каде е твојата победа? Смрт, каде е твоето осило?“ (1. Коринќаните 15:55).

^ пас. 2 Имињата се сменети.