Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Масоретите многу внимателно ги препишувале светите списи

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | БИБЛИЈАТА — КАКО БИЛА ЗАЧУВАНА?

Библијата опстанала и покрај обидите да биде изменета

Библијата опстанала и покрај обидите да биде изменета

ЗАКАНА: Заканите однадвор, како што биле забот на времето и нападите од противниците, не успеале да ја уништат Библијата. Но, некои препишувачи и преведувачи се обиделе да ја изменат нејзината порака. На пример, понекогаш се обидувале да го сменат библискиот текст за да одговара на нивните учења, наместо да ги сменат своите учења за да одговараат на Библијата. Да земеме неколку примери:

  • Местото на обожавање: Меѓу четвртиот и вториот век пр.н.е., писателите на Самарјанскиот пентатеух * на крајот на 2. Мојсеева 20:17 ги додале зборовите „на планината Гаризим. И таму изгради жртвеник“. Со тоа Самарјаните сакале да изгледа дека, според светите списи, имале право да изградат храм на планината Гаризим.

  • Учењето за тројство: По помалку од 300 години откако било завршено пишувањето на Библијата, еден писател што го застапувал тројството, на крајот од 1. Јованово 5:7 ги додал зборовите „на небото: Отецот, Словото и Светиот Дух; и Троица се едно“. Тие зборови не постоеле во изворниот текст. Според библискиот изучувач Брус Мецгер, овие зборови „почнале сѐ почесто да се сретнуваат во ракописите на Старолатинскиот превод и на [латинската] Вулгата од шестиот век наваму“.

  • Божјето име: Следејќи го еврејското суеверие, многу библиски преведувачи одлучиле да го отстранат Божјето име од светите списи. Тие го замениле со титули како „Бог“ и „Господ“, изрази што во Библијата се користат не само за Творецот туку и за луѓе, предмети за идолопоклонство, па дури и за Ѓаволот (Јован 10:34, 35; 1. Коринќаните 8:5, 6; 2. Коринќаните 4:4). *

КАКО ОПСТАНАЛА БИБЛИЈАТА: Прво, и покрај тоа што некои препишувачи биле немарни, па дури и спремни да лажат, голем број други биле многу вешти и одговорни препишувачи. На пример, во периодот меѓу шестиот и десеттиот век од н.е., Масоретите ги препишувале Хебрејските списи и го создале масоретскиот текст. Се вели дека Масоретите ги броеле зборовите и буквите за да бидат сигурни дека не се провлекла некоја грешка. Ако се сомневале дека во текстот од кој препишувале има грешка, тоа го забележувале на маргините. Масоретите не се осудувале да го менуваат библискиот текст. Како што напишал професорот Моша Гошен-Готстајн, „ако свесно направеле такво нешто, тоа за нив ќе бил најстрашниот можен престап“.

Второ, многубројните ракописи што ги имаме денес, всушност, им помагаат на библиските изучувачи да ги пронајдат грешките. На пример, верските водачи со векови го поучувале народот дека нивните преводи на латински го содржат автентичниот библиски текст. Сепак, во 1. Јованово 5:7 ги вметнале зборовите што беа наведени претходно. Таа грешка се провлекла и во Преводот на МПЦ. Но, што станало јасно кога биле пронајдени други ракописи? Брус Мецгер напишал: „Освен на латински, зборовите [во 1. Јованово 5:7] ги нема во ниту еден друг ракопис од старо време (сириски, коптски, ерменски, етиопски, арапски, славонски)“. Затоа, кога некои преводи биле ревидирани, овие зборови биле отстранети.

Chester Beatty P46, библиски ракопис на папирус од околу 200 год. од н.е.

Дали постарите ракописи докажуваат дека библиската порака е неизменета? Откако во 1947 год. биле пронајдени Свитоците од Мртвото Море, изучувачите конечно можеле да го споредат хебрејскиот масоретски текст со текстот од некои библиски свитоци напишани повеќе од илјада години пред нив. Еден член на тимот уредници што работеле на Свитоците од Мртвото Море дошол до заклучок дека и само еден свиток „дава непобитен доказ дека еврејските препишувачи кои своерачно го препишувале библискиот текст во период подолг од илјада години, тоа го правеле точно и внимателно“.

Во библиотеката Честер Бити во Даблин (Ирска) има колекција на папируси со делови од речиси сите книги на Христијанските грчки списи, вклучувајќи и ракописи од вториот век од н.е. — што е само околу 100 години по завршувањето на Библијата. Во еден библиски речник пишува: „Освен што содржат богатство од нови информации за детали од текстот, тие папируси одразуваат и неверојатна стабилност во пренесувањето на библискиот текст низ историјата“ (The Anchor Bible Dictionary).

„Слободно може да се рече дека ниту една друга книга не е пренесувана низ вековите со толку голема точност“

КРАЈНИОТ ИСХОД: Тоа што се пронајдени толку стари и толку бројни ракописи уште повеќе докажува дека библискиот текст останал ист. Во врска со Христијанските грчки списи, сер Фредерик Кенјон напишал: „За ниту една друга стара книга не постојат толку стари и толку бројни сведоштва за веродостојноста на нејзиниот текст. Ниту еден непристрасен изучувач нема да негира дека библискиот текст денес во основа е непроменет“. А за Хебрејските списи, изучувачот Вилијам Хенри Грин рекол: „Слободно може да се рече дека ниту една друга книга не е пренесувана низ вековите со толку голема точност“.

^ пас. 4 Самарјанскиот пентатеух е збирка од првите пет книги од Библијата во верзија што ја одобриле Самарјаните.

^ пас. 6 Нешто повеќе можеш да прочиташ на страници 195-197 од додатокот на книгата Што навистина учи Библијата?, која е достапна и на www.pr418.com/mk.