Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Случајно или создадено?

Сензорите на еден бумбар

Сензорите на еден бумбар

Кога има шумски пожар, повеќето животни бегаат, но еден вид бумбар, Melanophila acuminata, оди кон него. Зошто? Бидејќи за овие инсекти штотуку опожарените дрвја се идеално место за полагање јајца. Освен тоа, пожарот ги брка грабливците, поради што бумбарот слободно може да се храни, да се пари и да ги полага своите јајца. Но, како овие бумбари знаат каде има пожар?

Размисли: Близу до средниот пар нозе овој бумбар има термални сензори што можат да го детектираат инфрацрвеното зрачење од шумските пожари. Зрачењето предизвикува топлина во термалните сензори ѝ ја насочува бубачката кон пламењата.

Но, овие бубачки имаат и други сензори што детектираат оган. Кога горат нивните омилени дрвја, антените на бумбарот регистрираат дури и најмали количини на извесни хемикалии што се ослободуваат во воздухот при пожар. Според некои истражувачи, овој вид бумбар може да ги користи своите антени како „детектор за чад“ за да најде и едно единствено дрво на оддалеченост од речиси еден километар. Со комбинација на нивните способности, овие бумбари можат да насетат и да најдат шумски пожари на далечина од преку 48 километри!

Истражувачите ги изучуваат термалните сензори и антените на овој вид бумбар за да ги усовршат направите за детектирање инфрацрвено зрачење и пожар. Вообичаените инфрацрвени сензори со висока резолуција мораат да имаат и систем за ладење, па затоа бумбарот може да им помогне на научниците да направат подобри сензори што ќе функционираат на собна температура. По модел на антените на бумбарот, инженерите направија системи за детектирање пожар кои се поосетливи и кои прават разлика помеѓу состојките што се ослободуваат при шумски пожари и други хемиски состојки.

Научниците се вчудовидени од уникатниот начин на кој бумбарот наоѓа место да ги положи своите јајца. „Како овие бумбари ја развиле својата способност да ги полагаат јајцата на ваков начин?“ се чуди професорот Ричард Хобеке, експерт за бумбари од Универзитетот Корнел во САД. „Ако размислиме подобро, ние всушност многу малку знаеме за инсектите со неверојатно осетлив и сложен сензорен систем.“

Што мислиш? Дали способноста на бумбарот да детектира шумски пожар е резултат на еволуција или е дело на мудар Творец?