Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Заштити се од дезинформации

Заштити се од дезинформации

 Денес е полесно од кога и да било порано да дојдеме до информации, вклучувајќи ги и оние што можат да ни помогнат да останеме безбедни и здрави. Но, додека бараме информации, мора да се чуваме од дезинформации, како што се:

 На пример, во текот на пандемијата со КОВИД-19, генералниот секретар на Обединетите нации предупреди дека светот се соочува со опасна епидемија на дезинформации. Тој изјавил: „Сѐ повеќе има штетни совети поврзани со здравјето и лажни медицински третмани. Медиумите се преплавени со лажни информации. Интернетот е преполн со теории на заговор. Се шират говор на омраза и предрасуди кон различни групи луѓе“.

 Се разбира, дезинформациите не се ништо ново. Сепак, во врска со нашево време, Библијата прорекла: „Злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо. Ќе заведуваат други, а и самите ќе бидат заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Денес, интернетот ни овозможува да примаме — и ненамерно да шириме — лажни вести полесно и побрзо од кога и да било порано. Како резултат на тоа, преку нашите имејлови, социјалните мрежи и вестите што ги добиваме на нашите електронски уреди сме преплавени со искривени факти и полувистини.

 Како можеш да се заштитиш од информации кои водат до погрешен заклучок и од теории на заговор? Размисли за следниве библиски начела кои можат да ти помогнат.

  •   Не верувај во сѐ што ќе видиш или ќе чуеш

     Што вели Библијата: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).

     Лесно може да бидеме измамени ако не внимаваме. На пример, размисли за фотографиите со текст или за кратките видеоклипови кои многу се раширени на интернет, особено на социјалните мрежи. Таквите содржини, кои обично се нарекуваат мемиња, честопати се наменети да бидат хумористични. Сепак, сликите и видеоклиповите лесно можат да се изменат или да се извадат од контекст. Може да се направат дури и видеоклипови во кои изгледа дека некои луѓе прават или кажуваат нешто што никогаш не го направиле или кажале.

     „Поголемиот дел од дезинформациите кои истражувачите ги среќаваат на социјалните мрежи се слики и видеоклипови кои се извадени од контекст, како што се мемињата“ (Axios Media).

     Прашај се: „Дали информацијата е точна вест или само меме?“

  •   Размисли за содржината и за нејзиниот извор

     Што вели Библијата: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа“ (1. Солуњаните 5:21).

     Пред да поверуваш во некоја информација или пред да ја препратиш, дури и ако е популарна или повеќе пати се повторува во вестите, провери дали е точна. Како можеш да го направиш ова?

     Размисли дали можеш да имаш доверба во изворот од кој потекнува. Медиумите и другите организации можат да извртат некои информации поради сопствени интереси или политички цели. Спореди како некоја вест е објавена во различни медиуми. Понекогаш, некои пријатели може од невнимание да ти препратат дезинформации преку имејл пораки или социјални мрежи. Затоа, немој да поверуваш во некоја информација додека не провериш од каде првобитно потекнува.

     Увери се дека содржината е точна и дека не е застарена. Побарај дали во неа има датум, факти што можат да се проверат и цврсти докази кои го потврдуваат она што е кажано. Особено биди внимателен ако се чини дека некоја сложена информација е изнесена на премногу едноставен начин или ако е направена да предизвика одредени чувства.

     „Денес, проверувањето на фактите веројатно станува исто толку важно како и миењето раце“ (Шридар Дармапури, висок службеник за безбедност на храна и исхрана при Обединетите нации).

     Прашај се: „Дали во оваа вест нечии лични мислења се прикажани како факти? Дали е изнесена само едната страна на приказната?“

  •   Води се по факти, а не по она што тебе ти се допаѓа

     Што вели Библијата: „Кој има доверба во своето срце, безумен е“ (Изреки 28:26).

     Склони сме да имаме доверба во информациите кои го потврдуваат она во кое ние сакаме да веруваме. Честопати, интернет-компаниите ни нудат информации на порталите и на социјалните мрежи на темел на она што нѐ интересира и што претходно сме го пребарувале. Сепак, она што сакаме да го слушнеме не е секогаш она што треба да го слушнеме.

     „Луѓето имаат способност да бидат разумни и да размислуваат логично. Но честопати, поради нашите желби, надежи, стравови и мотиви поголема е веројатноста да поверуваме во информација која го потврдува она во кое сакаме да веруваме“ (Питер Дито, социјален психолог).

     Прашај се: „Дали ѝ верувам на оваа информација само затоа што сакам да ѝ верувам?“

  •   Спречи го ширењето дезинформации

     Што вели Библијата: „Не шири лажни вести“ (2. Мојсеева 23:1).

     Не заборавај дека информациите кои им ги пренесуваш на другите можат да влијаат врз нивните мисли и постапки. Дури и ако ненамерно пренесеш некоја погрешна информација, тоа може да има штетни последици.

     „Најважното нешто што мора да го направиш пред да им испратиш некоја информација на другите е да се прашаш: ’Дали сум сигурен дека информацијата што сакам да им ја пратам на другите е точна?‘ Доколку сите би го правеле тоа, би имало многу помалку дезинформации на интернет“ (Питер Адамс, потпретседател на организацијата News Literacy Project).

     Прашај се: „Дали сакам да им ја испратам оваа информација на други затоа што сум сигурен дека е точна?“