Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ОСУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ

Крштавањето и твојот однос со Бог

Крштавањето и твојот однос со Бог
  • Како се извршува христијанското крштавање?

  • Кои чекори треба да ги преземеш за да се крстиш?

  • Како едно лице му се заветува на Бог?

  • Од која посебна причина треба да се крстиме?

1. Зошто еден етиопски дворјанин посакал да се крсти?

„ЕВЕ вода! Што ме спречува да се крстам?“ Ова прашање го поставил еден етиопски дворјанин во првиот век. Христијанинот по име Филип му докажал дека Исус е ветениот Месија. Трогнат од она што го дознал од Светото писмо, Етиопјанинот решил да преземе нешто. Изразил желба да се крсти! (Дела 8:26-36).

2. Зошто треба сериозно да размислуваш да се крстиш?

2 Ако внимателно ги проучи претходните поглавја од оваа книга со некој Јеховин сведок, можеби и ти се прашуваш: ,Што ме спречува мене да се крстам?‘ Сега веќе знаеш дека во Библијата е дадено ветување за вечен живот во рај (Лука 23:43; Откровение 21:3, 4). Исто така, знаеш во каква состојба се мртвите и дека има надеж за воскресение (Проповедник 9:5; Јован 5:28, 29). Веројатно одиш на собраниските состаноци на Јеховините сведоци и гледаш дека тие живеат во склад со вистинската религија (Јован 13:35). А најважно од сѐ, веројатно си почнал да градиш личен однос со Јехова Бог.

3. а) Каква заповед им дал Исус на своите следбеници? б) Како се извршува крштавањето во вода?

3 Како можеш да покажеш дека сакаш да му служиш на Бог? Исус им рекол на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги“ (Матеј 28:19). И самиот Исус се крстил во вода, со што ни оставил пример. Тој не бил само попрскан со вода ниту, пак, му полеале малку вода на главата (Матеј 3:16). Зборот „крштава“ доаѓа од еден грчки збор што значи „нурнува под вода“. Според тоа, оној што се крштава треба целосно да биде нурнат во вода.

4. Што покажува крштавањето во вода?

4 Сите што сакаат да имаат личен однос со Јехова Бог мораат да се крстат во вода. Со своето крштавање јавно покажуваш дека сакаш да му служиш на Бог. Тоа е доказ дека за тебе е задоволство да ја вршиш Јеховината волја (Псалм 40:7, 8). Меѓутоа, за да можеш да се крстиш, мораш да преземеш извесни чекори.

ПОТРЕБНИ СЕ ЗНАЕЊЕ И ВЕРА

5. а) Кој е првиот чекор што треба да го направиш за да се крстиш? б) Зошто се важни христијанските состаноци?

5 Ти веќе си го направил првиот чекор. Како? Со тоа што си почнал да ги запознаваш Јехова Бог и Исус Христос, веројатно преку редовно проучување на Библијата. (Прочитај Јован 17:3.) Но, има уште многу работи што треба да ги научиш. Христијаните треба да бидат ,исполнети со добро познавање на Божјата волја‘ (Колошаните 1:9). Во тоа многу ќе ти помогнат собраниските состаноци на Јеховините сведоци. Важно е да одиш на тие состаноци (Евреите 10:24, 25). Редовното присуство на состаноците ќе ти помогне да го запознаеш Бог.

Доброто познавање на Божјата Реч е важен чекор што води до крштавање

6. Колку треба да ја познаваш Библијата за да можеш да се крстиш?

6 Се разбира, не мора да знаеш сѐ од Библијата за да можеш да се крстиш. Етиопскиот дворјанин знаел нешто, но му требала помош за да разбере некои делови од Писмото (Дела 8:30, 31). Слично на тоа, и ти треба да научиш уште многу работи. Всушност, никогаш нема да престанеш да учиш за Бог (Проповедник 3:11). Меѓутоа, пред да се крстиш, треба да ги знаеш барем основните библиски учења и да веруваш во нив (Евреите 5:12). Некои од тие учења се вистината за состојбата на мртвите, како и важноста на Божјето име и на неговото Царство.

7. Како треба да влијае врз тебе проучувањето на Библијата?

7 Но, не е доволно да имаш само знаење, бидејќи „без вера не е можно да му се угоди на Бог“ (Евреите 11:6). Библијата ни кажува дека некои луѓе во древниот град Коринт ја чуле пораката што ја проповедале христијаните, ,поверувале и се крстиле‘ (Дела 18:8). На сличен начин, проучувањето на Библијата треба да ти помогне и тебе да стекнеш вера дека таа е вдахновена Божја реч. Исто така, треба да ти помогне да веруваш во Божјите ветувања и во тоа дека Исусовата жртва може да ти го спаси животот (Исус Навин 23:14; Дела 4:12; 2. Тимотеј 3:16, 17).

КАЖУВАЈ ИМ ЈА БИБЛИСКАТА ВИСТИНА НА ДРУГИТЕ

8. Што ќе те поттикне да им зборуваш на другите за она што си го научил?

8 Како што расте верата во твоето срце, не ќе можеш а да не им го кажуваш на другите она што си го научил (Еремија 20:9). Ќе чувствуваш силна желба да им зборуваш на сите за Бог и за неговите намери. (Прочитај 2. Коринќаните 4:13.)

Верата треба да те поттикне да им зборуваш на другите за она што го веруваш

9, 10. а) На кого можеш да почнеш да му зборуваш за библиската вистина? б) Што треба да направиш ако сакаш да учествуваш во организираното проповедничко дело на Јеховините сведоци?

9 Би можел да почнеш да им ја кажуваш библиската вистина на другите со тоа што тактично ќе им зборуваш за неа на роднините, пријателите, соседите и колегите на работа. Со текот на времето ќе посакаш да учествуваш и во делото на проповедање што организирано го извршуваат Јеховините сведоци. Тогаш слободно кажи му го тоа на оној што ја проучува Библијата со тебе. Ако ги исполнуваш условите за да учествуваш во проповедањето, заедно со него ќе се состанете со двајца собраниски старешини.

10 Така ќе можеш подобро да се запознаеш со некои од христијанските старешини, кои се грижат за Божјето стадо (Дела 20:28; 1. Петрово 5:2, 3). Ако старешините видат дека ги разбираш основните библиски учења и веруваш во нив, дека живееш во склад со Божјите начела и дека навистина сакаш да станеш Јеховин сведок, ќе ти кажат дека можеш да почнеш да учествуваш во службата на проповедање како некрстен објавител на добрата вест.

11. Кои промени можеби ќе треба да ги направат некои пред да можат да учествуваат во службата на проповедање?

11 Меѓутоа, можеби ќе треба да направиш некои промени во животот и во навиките пред да можеш да учествуваш во службата на проповедање. Можеби ќе треба да прекинеш со некои навики за кои другите не знаат. Значи, пред да изразиш желба да станеш некрстен објавител, треба да престанеш да правиш сериозни гревови, како што се неморалот, пијанството и земањето дрога. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9, 10; Галатите 5:19-21.)

ПОКАЈАНИЕ И ПРЕОБРАЌАЊЕ

12. Зошто е потребно покајание?

12 Пред да се крстиш, мора да направиш и некои други чекори. Апостол Петар рекол: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите“ (Дела 3:19). Да се покаеш значи искрено да жалиш поради нешто што си го правел. Јасно е дека покајание е потребно ако некој живеел неморално, но потребно е дури и ако водел релативно чист живот во морален поглед. Зошто? Затоа што сите луѓе се грешни и потребно им е простување од Бог (Римјаните 3:23; 5:12). Пред да ја проучуваш Библијата, ти не си ја знаел Божјата волја. А ако не си ја знаел, зарем си можел да живееш во потполн склад со неа? Значи, покајанието е неопходен чекор.

13. Што е преобраќање?

13 После покајанието мора да следи преобраќање. Не е доволно само да ти биде жал поради она што си го направил. Треба да престанеш со поранешниот начин на живот и да бидеш цврсто решен од сега натаму да го правиш она што е исправно. Покајанието и преобраќањето се чекори што мораш да ги преземеш пред да се крстиш.

ЗАВЕТУВАЈ МУ СЕ НА БОГ

14. Кој важен чекор мораш да го направиш пред да се крстиш?

14 Има уште еден важен чекор што треба да го направиш пред да се крстиш. Мораш да му се заветуваш на Јехова Бог.

Дали си му се заветувал на Бог во молитва?

15, 16. Што значи тоа да му се заветуваш на Бог, и што те поттикнува да го направиш тоа?

15 Да му се заветуваш на Јехова Бог значи во горлива молитва да му ветиш дека засекогаш ќе му бидеш оддаден само нему (5. Мојсеева 6:15). Но, зошто некој би сакал да даде вакво ветување? Па, замисли си дека некој млад човек почнал да ѝ се додворува на некоја девојка. Колку повеќе ја запознава и ги забележува нејзините убави особини, толку помила му станува. Со текот на времето, сосема е нормално да ја праша дали ќе се омажи за него. Точно, бракот ќе значи додатни одговорности, но љубовта ќе го поттикне да го направи тој важен чекор.

16 Кога ќе го запознаеш и ќе го засакаш Јехова, срцето ќе те поттикне да му служиш потполно и безрезервно. Секој што сака да го следи Божјиот Син, Исус Христос, мора да се „одрече од себе“ (Марко 8:34). Се одрекуваме од себе на тој начин што не дозволуваме личните желби и цели да нѐ спречат да му бидеме потполно послушни на Бог. Затоа, пред да се крстиш, главна цел во животот мора да ти биде да ја вршиш Божјата волја. (Прочитај 1. Петрово 4:2.)

НЕ ПЛАШИ СЕ ДЕКА НЕМА ДА УСПЕЕШ

17. Зошто некои можеби се колебаат да му се заветуваат на Бог?

17 Некои се колебаат да му се заветуваат на Јехова затоа што се плашат да направат еден таков сериозен чекор. Можеби се плашат од одговорноста што ќе ја имаат пред Бог како христијани. Од страв да не направат нешто што не треба и со тоа да го разочараат Јехова, мислат дека е најдобро воопшто да не му ветат дека ќе му служат.

18. Што може да те поттикне да му ветиш на Јехова дека ќе му служиш?

18 Кога ќе го засакаш Јехова, ќе бидеш поттикнат да му ветиш дека ќе му служиш и да даваш сѐ од себе за да го одржиш тоа ветување (Проповедник 5:4). Откако ќе го направиш овој чекор, сигурно ќе сакаш ,да водиш живот достоен на Јехова и така потполно да му угодиш‘ (Колошаните 1:10). Бидејќи го сакаш Бог, нема да мислиш дека е премногу тешко да ја вршиш неговата волја. Несомнено ќе се согласиш со апостол Јован, кој напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3).

19. Зошто нема потреба да се плашиш да му се заветуваш на Бог?

19 Не мора да бидеш совршен за да му се заветуваш на Бог. Јехова ги знае твоите ограничувања и никогаш не очекува од тебе да правиш повеќе од она што го можеш (Псалм 103:14). Тој сака да успееш и затоа ќе те зајакнува и ќе ти помага. (Прочитај Исаија 41:10.) Можеш да бидеш уверен дека, ако имаш доверба во Јехова со сето свое срце, „тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6).

КРШТАВАЊЕТО — ДОКАЗ ДЕКА СИ МУ СЕ ЗАВЕТУВАЛ НА БОГ

20. Зошто заветот да му служиш на Јехова не може да остане само лична работа?

20 Размислувај за сето она што го разгледавме досега, зашто тоа може да ти помогне да одлучиш да му се заветуваш на Јехова во молитва. Секој што вистински го сака Бог мора и јавно ,да ја објавува својата вера за да постигне спасение‘ (Римјаните 10:10). Како можеш да го направиш тоа?

Крштавањето симболизира крај на поранешниот начин на живот и почеток на нов живот посветен на вршењето на Божјата волја

21, 22. Како можеш јавно ,да ја објавиш својата вера‘?

21 Кажи му на координаторот на старешинството во твоето собрание дека сакаш да се крстиш. Тој ќе се договори со некои од старешините да разгледаат со тебе прашања во врска со основните библиски учења. Ако тие старешини се согласат дека ги исполнуваш условите да се крстиш, ќе ти кажат дека можеш да го направиш тоа во првата прилика. * Пред крштавањето обично се одржува говор во кој се објаснува значењето на тој чин. На крајот говорникот ги повикува сите оние што сакаат да се крстат да одговорат на две едноставни прашања и така јавно да ,ја објават својата вера‘.

22 Крштавањето е јавен доказ дека си му се заветувал на Бог и дека сега си Јеховин сведок. При овој чин, оној што се крштава целосно е нурнат во вода и тогаш сите можат да видат дека му се заветувал на Јехова.

ШТО ЗНАЧИ КРШТАВАЊЕТО

23. Што значи тоа да се биде крстен „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“?

23 Исус рекол дека неговите ученици ќе се крштаваат „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). Тоа значи дека оној што се крштава ја признава власта на Јехова Бог и на Исус Христос (Псалм 83:18; Матеј 28:18). Исто така, ги признава улогата и дејствувањето на светиот дух, односно силата што ја користи Бог (Галатите 5:22, 23; 2. Петрово 1:21).

24, 25. а) Што симболизира крштавањето? б) На кое прашање треба да добиеме одговор?

24 Меѓутоа, крштавањето не е само обично нурнување во вода. Тоа симболизира нешто многу важно. Нурнувањето во вода означува крај на твојот досегашен начин на живот. Излегувањето од водата означува почеток на нов живот посветен на вршењето на Божјата волја. Исто така, запомни дека си му се заветувал на Јехова Бог, а не на некое дело, на некоја идеја, на луѓе или на некоја организација. Заветот и крштавањето се почеток на едно многу блиско пријателство со Бог — на еден многу близок однос со него (Псалм 25:14).

25 Крштавањето не е гаранција за спасение. Апостол Павле напишал: „Работете на своето спасение со страв и трепет“ (Филипјаните 2:12). Крштавањето е само почеток. Прашањето е: ,Како можеш да ја одржиш љубовта кон Бог?‘ Одговорот на ова прашање ќе го дознаеме во последното поглавје од оваа книга.

^ пас. 21 Крштавањето е едно истакнато обележје на годишните собири и конгреси на Јеховините сведоци.