Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРАШАЊЕ 9

Треба ли да верувам во еволуција?

Треба ли да верувам во еволуција?

ЗОШТО Е ВАЖНО ДА ГО ЗНАЕШ ТОА

Ако постои еволуција, тогаш животот нема вистинска смисла. Ако, пак, постои Творец, тогаш можеме да најдеме задоволувачки одговори на прашањата во врска со животот и иднината.

ШТО БИ НАПРАВИЛ ТИ?

Замисли си ја следнава ситуација: Виктор е збунет. Тој отсекогаш верува дека Бог постои и дека тој создал сѐ. Но, денес, на час по биологија, професорот со голема увереност тврдеше дека еволуцијата е факт и дека е заснована на цврсти научни докази. Виктор не сака да изгледа глупав пред другите. Тој си мисли: „Ако научниците ја докажале еволуцијата, кој сум јас да се правам попаметен од нив?“

Доколку си на местото на Виктор, дали би ја прифатил еволуцијата само затоа што во учебниците е претставена како факт?

ЗАСТАНИ И РАЗМИСЛИ!

Честопати, и луѓето што веруваат во Бог и оние што ја застапуваат еволуцијата многу лесно кажуваат во што веруваат, без да знаат зошто веруваат во тоа.

  • Некои веруваат дека постои Творец само затоа што така учи нивната религија.

  • Некои веруваат во еволуција само затоа што така учеле во школо.

ШЕСТ ПРАШАЊА ЗА РАЗМИСЛУВАЊЕ

Во Библијата пишува: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евреите 3:4). Дали е разумно да веруваш во ова?

Да тврдиш дека не постои Творец е исто толку бесмислено како да тврдиш дека оваа куќа настанала сама од себе

МНОГУМИНА ТВРДАТ: Вселената настанала од една голема експлозија.

1. Кој или што ја предизвикало таа голема експлозија?

2. Што има повеќе смисла — дека сѐ настанало од ништо или дека сѐ настанало од некој?

МНОГУМИНА ТВРДАТ: Луѓето настанале од животни.

3. Ако луѓето настанале од животни — на пример, од мајмуни — зошто има толку голема разлика помеѓу интелектуалните способности на луѓето и на мајмуните?

4. Зошто дури и „наједноставните“ облици на живот се толку сложени?

МНОГУМИНА ТВРДАТ: Еволуцијата е научно докажана.

5. Дали оној што го тврди ова ги испитал доказите?

6. Колку луѓе веруваат во еволуција само затоа што им било кажано дека сите интелигентни луѓе веруваат во еволуција?

„Ако се шеташ низ шума и здогледаш прекрасна дрвена куќарка, дали би помислил: ,Неверојатно! Дрвјата паднале и се наредиле толку прецизно што се направила оваа куќарка!‘. Секако дека не! Тоа нема никаква логика. Тогаш, зошто да веруваме дека сѐ во вселената настанало случајно?“ (Јулија).

„Замисли си дека некој ти вели: ,Во оваа печатница имаше експлозија и мастилото се распрска по ѕидовите и по таванот. Така настана еден огромен речник.‘ Ќе веруваш во тоа?“ (Симона).

ЗОШТО ДА ВЕРУВАМ ВО БОГ?

Библијата те поттикнува да го користиш „својот разум“ (Римјаните 12:1). Тоа значи дека не треба да веруваш во Бог само поради:

  • ТВОИТЕ ЧУВСТВА („Едноставно чувствувам дека мора да има некоја виша сила.“)

  • ВЛИЈАНИЕ НА ОКОЛИНАТА („Живеам во религиозна средина.“)

  • ПРИТИСОК („Моите родители ме воспитаа да верувам во Бог — немав друг избор.“)

Наместо тоа, твоите верувања треба да се темелат на логични докази.

„Кога слушам на час додека наставникот објаснува како функционира нашето тело, воопшто не се сомневам дека постои Бог. Секој дел од телото си има своја улога, па дури и најмалиот. За голем дел од функциите на нашето тело не сме ни свесни. Човечкото тело е вистинско чудо!“ (Тереза).

„Кога ќе видам некој облакодер, брод за крстарење или автомобил, се прашувам: ,Кој го направил?‘ На пример, за да се направи една кола потребен е интелигентен конструктор затоа што сите мали делчиња од кои е составена треба складно да работат за исправно да функционира. Ако тоа е случај со една кола, тогаш и луѓето мора да се создадени од интелигентен конструктор“ (Ричард).

„Колку повеќе учев биологија, толку повеќе сфаќав дека теоријата за еволуција е бесмислена... Според мене, потребно е да имаш многу поголема ,вера‘ за да веруваш во еволуција, отколку да веруваш во Творец“ (Антонио).

РАЗМИСЛИ

И покрај долгогодишните истражувања, сѐ уште нема објаснување за теоријата за еволуција со кое сите научници би се согласиле. Ако научниците, кои се стручњаци во оваа област, немаат усогласени гледишта во врска со еволуцијата, тогаш зошто ти слепо би верувал во еволуција?